Денес, на официјална свеченост по повод денот на ослободувањето на Скопје, „13 Ноември“, Сојуз на спортови на Скопје додели награди за најзаслужните спортисти и спортски работници во градот.
Признанијата и наградите се должат на нивните успеси, но и на печатот кој го оставаат во спортот низ годините.
Бобан Илиоски, член на клубот „Шампион“ е најдобриот спортист на Скопје со своите резултати во кик – боксот во Македонија и пошироко. Тој има освоено две први места на европски купови и едно второ место на светски куп. Дејан Митровски е најдобар тренер во клубот „Шампион“ за неговата работа со Илиоски и Викторија Варадинова.
РК „Вардар“ е најдобар клуб на Скопје, а Кочо Димитровски, Борче Брсаковски и Венислав Недев ја добија наградата за животно дело, додека најдобар професор по физичко е Мартин Мартиновски од ООУ „Партение Зографски“.
Зоран Поповски е најдобар спортски судија, Ласте Димитриевски од Нова Македонија е најдобар спортски новинар, Перица Крстевски, Никола Тасев, Гордана Николовска се најдобри спортски работници и Дарко Каевски, директорот на Агенција за млади и спорт е најдобар општествено спортски работник/функционер.
„Спортот го создава секојдневието, делата и одлуките. Со тоа што луѓето ги следат своите омилените клубови и спортисти добиваат храброст и надеж да постигнат сѐ што сакаат од животот.
Овогодинешните наградени се за тие кои ја даваат енергијата да се спортува, да се биде здрав и да се покорат предизвиците.“, истакна Ѓорги Кузмановски, претседател на Сојуз на спортови на Скопје.
Сојуз на спортови им порачува на сите да продолжат да го негуваат спортот и здравиот начин на живеење.