СЈО поднесе обвинение за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ против шест физички лица и едно правно лице и тоа: лицето Никола Груевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување, Перење пари; лицата Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски за сторено кривично дело Злоупотреба на службената положба и овластување и Перење пари и други приноси од казниво дело; лицата Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело и правното лице политичка партија – ВМРО-ДПМНЕ за сторено кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело, соопштуваат од СЈО.
„Во конкретниот случај, на обвинетиот Никола Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Во овие свои активности бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како против услуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.
Вака обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во буџетот на Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656,00 денари, односно 4.608.661 евра.
Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.
Отакако паричните средства кои потекнувале од кривично дело биле внесени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ обвинетите Илија Димовски, Елизабета Чингароска, Леко Ристоски и Миле Јанакиески, како овластени потписници на сметката на политичката партија иако знаеле дека парите потекнуваат од кривично дело, истите ги пуштиле во натамошен оптек со потпишување на налози за плаќање на обврските и купување на недвижен имот за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ.
Кон обвинението поднесен е и предлог за определување мерка притвор против првообвинетиот Никола Груевски, како и предлог за определување мерки за претпазливост спрема обвинетата Елизабета Чингаровска – обврска да се јавува еднаш неделно во Основен суд Скопје 1 Скопје и привремено одземање на патната исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање на нова“, се вели во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
СЈО: Груевски и Божиновски му овозможиле на „Бетон“ бесправно да го изгради седиштето на партијата