Не престануваат реакциите во македонската јавност по најавата дека владејачката коалиција меѓу СДСМ и ДУИ по скратена постапка во Собранието турка предлог-закон со кој се предвидува вработување на заменици-директори во јавни претпријатија.
Јавноста со право реагира дека на овој начин се отвара простор за вработувања на стотици членови од двете партии на раководни функции со посебни бенефиции.
Повеќето јавни претпријатија во Македонија работат со загуба, редовно се јавуваат на листата должници на УЈП за неплатени давачки и не би опстанале без толерирањето на неефикасното работење од страна на државата.
Тие и сега се мачат со превработеност која се должи на долгодишното вработување на партиските послушници од сите партии кои биле на власт. Така што, со дополнително вработување на заменици-директори нивните буџети само уште толку би се оптовариле.
Ако се земе предвид и неодамнешната иницијатива пратениците во Собранието по завршувањето на мандатот да добијат државно вработување и бенефиции, бидејќи како што изјави претседателот Талат Џафери не личело „да бркаат по контејнери по мандатот“, тогаш можеби „најдобро би било“ пратениците да станат заменици директори во јавните претпријатија.
„еМагазин“ секојдневно ги следи огласите за вработување во кои доминираат државните институции. Имено, само во декември распишани се огласи за стотици нови вработувања во Владата, Собранието, фондовите, министерствата, јавните претпријатија, инспекторатите и многу други буџетари.
Тоа само покажува дека власта на СДСМ и ДУИ продолжува со практиката партиското членство да го вработи во државни јасли без оглед на тоа што во Македонија има стоилјадна администрација.
Истовремено, владејачките структури секојдневно бесрамно ја лажат јавноста дека се спроведуваат реформи и намалување на бројот на вработени во администрацијата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Џафери: Не може некој да биде пратеник четири години, а потоа да брка по контејнери