Скијачката сезона на Попова Шапка почнува од недела (06.01.2019 година), а традиционално, за сите посетители, скијањето на првиот ден е бесплатно.
„Овозможени се условите за официјален почеток на новата скијачка сезона во нашиот најголем скијачки центар „Попова Шапка“. Ги покануваме сите љубители на скијањето и снегот, во сабота со почеток во 9 часот заедно да ја отвориме сезоната со традиционалното бесплатно скијање на првиот ден од сезоната.
Скијачкиот центар е целосно подготвен и екипиран за непречено и безбедно функционирање на ски-терените. Спроведени се редовните технички подготовки и активности за почеток и тек на новата ски-сезона, извршено е обележување на постојните патеки, а скијачките терени се подготвени со помош на машините за подготовка на скијачките патеки.
За утрешното скијање во функција ќе биде ставена жичарницата – „Церипашина“ и ски – лифтовите „Аеродром“ и „Ге“. Нивниот капацитет изнесува околу 1800 скијачи за еден час. Како новина од сезонава на сите патеки ќе има електронски ски билети со што се очекува намалување на метежот на жичниците и ски лифтовите.
За двоседот „Св. Илија“ во тек се финалните работи од завршната фаза по инсталирање на опремата за контрола и управување на жичницата. Оваа жичница ќе биде ставена во функција дополнително“, се вели во соопштението на ЕЛЕМ турс.
Од официјалниот почеток на зимската сезона ќе важат вообичаените цени за ски – билетите.
Сезонскиот билет е 9.500, дневниот билет, кој важи од 9 до 15 часот, ќе се продава по цена од 900 денари, полудневниот билет, кој важи од 12 до 15 часот, е 600 денари.
Билетот за ноќно скијање, кој важи од 19 до 22 часот, ќе чини 500 денари. За сите билети се наплаќа повратна кауција во висина од 150 денари.
Новина од оваа година е можноста за туристички разглед со снеготапкач по цена од 6.500 денари од час.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Круешево е бајка за божиќните празници
Викендов започнува ски-сезоната во сите ски-центри во Македонија