Претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери, најостро ги демантира информациите изнесени од лидерот на Единствена Македонија, Јанко Бачев, дека претставници од американската амбасада, по налог на американскиот амбасадор Џес Бејли држат тројца пратеници заклучени во Собранието.
„Ја информираме јавноста дека се работи за класична дезинформација, со цел да се нанесе штета на угледот на Собранието и на процесот на ЕУ и НАТО интеграциите на Република Македонија. Во Собранието на Република Македонија секој пратеник одлучува сам, според своето убедување и нема, ниту ќе има притисоци врз народните избраници и нивното движење е слободнo“, се вели во соопштението од кабинетот на Џафери.
Лидерот на „Единствена Македонија“ Јанко Бачев обвини дека „тројца пратеници се заклучени во Собранието каде што е присутен и локалниот раководител на ЦИА, Дејвид Стивенсон, и врз нив се врши невиден притисок за да гласаат за уставните измени“.
Фото: Собрание