еМагазин
Image default
Балкан

Опозицијата во грчкиот Парламент ги бара на увид македонскиот Устав и оставката на Коѕијас

Нешто по 10.30 часот по локално време, продолжи со работа Комисијата за надворешни работи и одбрана во грчкиот Парламент во однос на нацрт законот според кој се ратификува и стапува на сила Договорот од Преспа.

На почетокот на седницата, надлежниот за надворешна политика во опозициската Нова демократија, Јоргос Кумуцакос уште еднаш ги повтори барањата на неговата партија, да биде доставен целиот македонски Устав, како и текстот со оставката на Коѕијас, јави дописничката на МИА од Атина.

Кумуцакос рече дека Комисијата не може втор ден да заседава без владата да ја има доставено целата содржина на Уставот, но и без да биде земено предвид што пишува поранешниот министер за надворешни работи на Грција во неговото писмо испратено до грчкиот премиер, во кое ги објаснува причините за неговата оставка.

Алтернативниот шеф на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, му објасни на Кумуцакос дека во соседната земја, амандманите не се вметнуваат во Уставот, туку се додаваат на крајот од уставниот текст и му посочи дека уставните измени се вклучени во Вербалната нота доставена и во грчкиот Парламент.

И пратеникот од Златна зора, Илиас Касидиарис реагираше дека не е доставена целата содржина на Уставот, имаше приговори и во однос на составот на Комисијата, а истакна дека за неговата партија процесот е нелегален, бидејќи нема потпис од претседателот Ѓорге Иванов.

Јанис Аманатдис, пратеникот од СИРИЗА во неговото обраќање рече дека договорот е урамнотежен, национално корисен, ѝ служи на националната позиција и треба да биде изгласан од грчкиот Парламент.

Василис Кикиљас од Нова демократија, на почетокот на неговиот говор повтори дека во партијата веруваат и сметаат дека „договорот е штетен за Грција, бидејќи отстапува „суверени права“ и додаде дека за конкретниот договор нема мнозинство во општеството и нема мнозинство во грчкиот Парламент.

Секој од пратениците, членови на Комисијата има на располагање седум минути за да го изрази неговиот став.

Комисијата за национална одбрана и надворешни работи, како што веќе објави МИА ја сочинуваат 56 членови, од кои 27 од СИРИЗА, 14 од Нова демократија, четири од Демократска алијанса (Демократска левица- ПАСОК), три од Златна зора, исто толку од Комунистичка партија на Грција, а по еден претставник имаат Независни Грци, Река и Сојуз на централисти, додека пак учествуваат и двајца независни пратеници.

Според најавите на претседателот на грчкиот Парламент, Никос Вуцис, на вчерашниот брифинг со новинарите, Комисијата по завршувањето ќе изготви извештај, а потоа, во среда и четврток за нацрт законот ќе расправа Парламентот на пленарна седница, по што ќе следи и гласањето.

МИА/ Фото: Влада

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Според грчкото МНР, Договорот од Преспа не признава македонски народ или македонска нација

Договорот од Преспа ќе се гласа во грчкиот парламент во четврток вечер

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Радев предупреди на „тешки последици“ ако Петков отстапи од ветото

Редакција

(Видео) Незапаметено невреме во Истанбул: Загинаа четворица, помеѓу кои и странски државјани, а 19 се повредени

Редакција

(Фото) Запознајте ја Екатерини Сакеларопулу, првата жена претседател на Грција

Редакција