Во јавноста денеска има реакција за изјавата на министерот за здравство Венко Филипче кој во интервју за Радио Слободна Европа вели дека ја вакцинирал неговата внука Илина, но не со МРП вакцина, бидејќи таа се уште е мала.
„Секогаш е добро да се покаже со личен пример дека нешто е вистина, дека нешто е вистински чекор и дека нешто е вистинска политика. И во таа насока беше вакцинирањето на мојата мала внука, која е се уште мала и не може да биде вакцинирана од МРП, меѓутоа и објавата беше во насока на тоа дека ние како здравствени власти ги уверуваме сите граѓани, родителите на малите деца дека вакцините се безбедни.
Процесот на вакцинација е апсолутно безбеден, дека тоа е вистинска инвестиција во здравјето на децата. Мојот чин беше во однос на сите овие аргументи“, одговара Филипче на прашањето за реакциите на социјалните мрежи дека тоа не е вакцина против морбили.
Но, и со објавувањето на фотографијата на неговиот фејсбук-профил од вакцинацијата, Филипче никаде не спомнува дека станува збор за МРП вакцина, туку дека вакцините се безбедни.
„Единствено добро што родителите можат да направат за своите деца е да им овозможат добро здравје, грижа и многу љубов. Утрово, во амбулантата Млин Балкан ја вакциниравме мојата внука Илина. Вакцините се безбедни, ефикасни и нѐ заштитуваат од разни болести“, напиша тогаш Филипче.
Инаку, по имунизациски календар МРП вакцината се прима на 13 месеци, а од фотографијата може да се забележи дека бебето е мало и нормално е дека не може да ја прими таа вакцина. И да сакал, не можел да ја вакцинира.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ:
(Фото) За да докаже дека се безбедни, Филипче лично ја однесе внуката на вакцинирање
Фото: Министерство за здравство