Министерството за здравство соопшти дека вчера се прегледани 14 пациенти со симптоми на морбили.
По извршениот преглед од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби информираат дека хоспитализирана е само една пациентка (39) од Гостивар, додека останатите 13 пациенти се пуштени на домашно лекување поради полесната клиничка слика на морбили.
Од нив, шест се деца на возраст од една до две години и се невакцинирани, а останатите седум се на возраст од 21 до 38 години. Во моментот, на Инфективна клиника се хоспитализирани 22 пациенти со морбили и сите се во стабилна здравствена состојба.
Од Министерството за здравство апелираат до граѓаните да се вакцинираат со МРП вакцина, особено децата кои немаат примено ниту една доза од вакцината.
Досега се вакцинирани повеќе од 5.600 лица. Станува збор за висок процент на лица, кои сериозно ги сфатиле препораките на Министерството за сериозноста на заболувањето, важноста за висок колективен имунитет со што се заштитени и лицата, кои од одредени медицински оправдани причини не можат да ја примат вакцината, особено бебињата и пациентите со висок здравствен ризик, стои во соопштението.
Од Министерството посочуваат дека родителите кои кај своите деца ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, не треба да ги носат во Клиниката за инфективни болести, туку кај матичните лекари, како и во дежурните пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит- пазар“ и „Букурешт“, кои работат 24 часа и вршат комплетни прегледи со лабораторија, а доколку е потребно ќе се упатуваат на Клиниката.
Најголем број заболени од морбили се деца, затоа, како што информираат, останува на сила забраната за посета на градинките од деца, кои не се вакцинирани со МРП вакцината.
Од Министерството истакнуваат дека МРП вакцина треба да примат сите деца од училишна возраст ако не се вакцинирани или примиле само една доза, како сите здравствени работници кои не се вакцинирани или не се сигурни во својот вакцинален статус, а потребно е да се намали фреквенцијата на пациенти на Клиниката за детски болести, поради опасност од ширење на оваа многу сериозна болест.
Болеста, од заразено лице на друго лице може да се пренесе со кашлање, кивање и по капков пат.
Станува збор за многу сериозно заболување кое понекогаш, за жал, покрај здравствени компликации може да заврши со смртен исход. Вакцините се со добар рок на траење, од проверен европски производител и поседуваат два сертификата за квалитет.
Вакцинирањето е здравствена култура, придобивка на современата медицина, безбедна за употреба, и е единствен начин да се спречи епидемија и да се заштити здравјето и животот на луѓето, стои во соопштението.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Кои се симптомите и како се пренесуваат мали сипаници