еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Шум на срце кај децата: Има ли причина за загриженост?

Шум на срце кај децата е наод со кој педијатарот често се среќава во секојдневната пракса и е најчеста причина за упатување на детето кај педијатриски кардиолог. Сознанието за шум кај нивното дете најчесто побудува нелагодност и страв кај родителите. Ова произлегува од погрешното сфаќање и поистоветување на шумот на срце исклучиво со постоење на одерена срцева маана.

Токму поради ова, добро е да се знаат можните причини за шум на срце кај децата и состојбите поврзани со негова појава. Дијапазонот на наодите е широк и се движи од здраво дете, па до постоење на различни срцеви аномалии.

Прим. д-р Јасна Анастасовска, специјалист педијатар, ревматокардиолог во клиничка болница „Жан Митрев“

Што е шум на срце и како се открива?

Шумот на срце претставува звучен феномен кој се создава при движење на крвта низ нормалните или патолошки изменети срцеви структури. Местото каде се слуша шумот, карактеристиките, јачината и типот на шумот, зависат токму од тоа дали потекнува од здраво срце или е резултат на постоење на срцева маана.

Кои се причини за појава на срцеви шумови кај децата?

Невин или функционален шум на срце е шум на здраво срце. Се среќава кај околу 80 проценти од здравите деца. Се создава како резултат од вибрации на нормалните срцеви структури, при течење на крвта.

Грацилната градба на градниот кош кај децата овозможува пренесување на овој звук кој ние го слушаме и дефинираме како шум.

Невиниот шум може да се јави уште во раната доенечка возраст, веднаш по затварање на феталните комуникации и може да се одржува до крај на пубертетот, но секако спонтано се губи. Има свои особености, по кои се разликува од патолошките шумови. Тој е непостојан по интензитет, а со оглед дека потекнува од здраво срце, не е поврзан со никакви тегоби и симптоми. Децата со невин шум не треба да се ограничуваат во физичката активност.

Пролапс на митралниот залисток е релативно честа појава. Се работи за издолжени, полабави ливчиња на митралниот залисток што е залистокот помеѓу левата предкомора и комора. Кај децата најчесто се среќава како идиопатски, конституционален и тоа кај слаби, високи деца, со тесен граден кош. Особено е чест наод во периодот на нагло извишување.

Понекогаш може да се јави срцебиење или прескокнување- аритмија, како и неспецифично „боцкање“ во градите, што не треба да се поистоветува со градната болка од коронарно потекло, кај возрасните. Доколку функцијата на залистокот е сочувана што се прави со ехографска проценка, нема тегоби и промени на електрокардиограмот, не треба да се ограничува физичката активност.

Постои и појава на пролапс и оштетување на митралниот залисток како резултат од предходни воспалителни промени на срцето ендо- миокардит, што генерално се откриваат во адултната возраст и бараат редовна проценка и следење.

За жал, шумот на срцето кај децата може да биде показатал и на сериозни заболувања како што се вродените срцеви аномалии, воспалителни болести на срцето, срцева слабост и др.

Прим.д-р Јасна Анастасовска со дел од тимот на клиничката болница „Жан Митрев“

Во детската возраст, како најчеста патолошка причина за појава на срцев шум, се вродените кардиопатии. Се работи за голема група аномалии, со различни пореметувања на нормална анатомија на срцето, кои настануваат во текот на ембрионалниот период, кога се оформува срцето.

Тежината на аномалиите се движи од многу лесни аномалии, кои не влијаат на работата на срцето и не даваат клинички манифестации, освен постоење на шумот, па се до сериозни и коплексни пореметувања на градбата и функцијата на срцето, кои витално го загрозуваат детето. Кај потешките срцеви мани, зависно од видот на аномалијата, освен шум на срце, постојат и други знаци исимптоми, како замор, здишување, помодрување, ненапредување на детето, губитоци на свест и друго.

Ехо за најсигурно утврдување на причината

За да не се направи превид и погрешна проценка, се преопрачува ехокардографски преглед кај децата со шум на срце. Според проценката на лекарот кој го следи детето, ултразвучниот преглед треба да се реализира веднаш или може да се почека извесно време, во зависност од карактерот на шумот и состојбата на детето. Ехо преглед на срцето е неинвазивна и нештетна метода, која е најдобар и најсигурен начин да се утврди причината за шумот на срце кај детето.

Автор: Прим. д-р Јасна Анастасовска, специјалист педијатар, ревматокардиолог во клиничка болница „Жан Митрев“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Столтенберг од Минхен: Испораката на оружје за Украина не е безбедносен ризик, туку ако Путин победи

Редакција

„Криво је море…се слуша од еден голф вечерва на Богородица“: Твитер реакции за километарските колони на граница

Редакција

И ние си име свој Чернобил и тоа не еден: Охис, РЕК Битола…

Петре Димитров