Делегациите на двете страни во конструктивна и колегијална атмосфера извршија детална и сеопфатна ревизија на наставните планови (курикулумите) по историја, учебниците и помошните наставни материјали (учебни помагала) по историја кои се во употреба во двете земји.
Ова се наведува во заедничкото на соопштение од четвртиот состанок на Заедничкиот интердисциплинарен комитет на експерти за историски, археолошки и образовни прашања меѓу Северна Македонија и Грција, воспоставен со чл.8.с 5 од Преспанскиот договор, одржан вчера и денеска во Охрид, информираат од Министерството за надворешни работи (МНР).
Во заедничкото соопштение се наведува дека: „гореспоменатиот материјал треба во најкус можен рок да биде ослободен од какви и да било иредентистички и ревизионистички референци“, соопшти МНР.
– Врз основа на Преспанскиот договор и во согласност со целите и принципите на УНЕСКО и на Советот на Европа, беше усвоена методологија, опишана во заклучоците, за ревизија на наставните планови (курикулуми) и учебниците. Двете делегации се согласија да го поттикнуваат вклучувањето на повеќе содржини од областа на културата и уметноста во образованието со цел градење на позитивна слика за другиот, се наведува во заедничкото соопштение на двете делегации.
На состанокот, се додава во соопштението, се постигна временската рамка за примената на наодите на Заедничкиот интердисциплинарен комитет за историски, археолошки и образовни прашања и доставување на релевантните препораки до Советот за висока соработка.
Фото: Влада