Верувам дека нема законски или било какви други пречки потерницата за поранешниот премиер Никола Груевски да не биде објавена на листата на Интерпол, изјави денеска јавниот обвинител, Љубомир Јовески.
„Во скоро време ќе се реши таа состојба. За тоа е задолжена обвинителката Вилма Русковска, како напредува во тој дел мене не ми е познато, но верувам дека нема законски или било какви пречки потерницата да не биде објавена на листата на Интерпол“, изјави Јовески, одговарајќи на новинарско прашање до каде е постапката за потерницата по Груевски.
Во однос на тоа дали до крајот на мај ќе има обвинение или не, Јовески, рече дека не може во оваа фаза да се говори за тоа и дека не сака ништо да прејудицира.
„Во овој момент може да се говори дека истражната постапка е при крај и откако ќе заврши истражната постапка ќе се знае каква одлука ќе донесе Јавното обвинителство. Дали ќе поднесе обвинение или ќе донесе друг вид на јавно обвинителска одлука.
Не сакам да се прејудицираат работите во овој момент, едноставно може да се каже дека таа постапка се приведува при крај и врз основа на резултатите од постапката јавниот обвинител ќе донесе соодветна одлука која ќе ја заснова на резултатите од пред истражната постапка“, изјави Јовески.
МИА