Трговската размена со Бугарија, по минатогодишниот раст, во првиот квартал од годинава бележи пад.
На редовното годишно Собрание на Македонско-бугарската стопанска комора (МБСК) денеска во Скопје бизнисмените и претставниците на Владата најавија дека ќе ги анализираат причините за да се види дали треба да се интервенира кај регулативата или во други области.
Бизнисмените бараат забрзување на граничното, патното и гасоводното поврзување на Коридорот осум и истакнаа дека само со заеднички производи и регионална соработка ќе можат да го издржат силниот притисок од конкуренцијата на европскиот пазар.
Бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов рече дека има оптимизам по Договорот за добрососедски односи, но оти истовремено треба да бидеме и реалисти.
– По минатогодишниот раст на размената, за жал, во првите три месеци се покажаа одредени проблеми. Во првиот квартал извозот на Северна Македонија кон Бугарија се намалил за 29,7 проценти, а увозот на Бугарија кон Северна Македонија за 6,9 проценти.
Кај туристите има пад од 5,4 проценти. Треба силна динамика на активности за да се запре таквата тенденција и многу бргу да се најде решение, рече Ангелов, порачувајќи им на бизнисмените секогаш кога ќе лоцираат одреден проблем да алармираат веднаш затоа што владите имаат обврска веднаш да најдат решение за сите проблеми.
Изградбата на Коридорот 8, укажа, е од суштинско значење за развој на трговијата и соработката на двете држави. Тоа не е само инфраструктурен, туку е и бизнис, банкараски, дигитален и духовен коридор, потренцираше амбасадорот Ангелов.
Министерот без ресор задолжен за подобрување на бизнис регулативата Зоран Шапуриќ, наведе дека по потпишувањето на Договорот со Бугарија трговската размена во последните две години бележи голем раст, лани се зголемила за 13 проценти во однос на 2017 и достигнала 750 милиони долари.
Исто така, посочи Шапуриќ, воочено е дека во првиот квартал имаме извесен пад, поради што двете влади, бизнис секторот и коморите заедно со надлежните институции ќе прават анализа какви се тие трендови, кои се причините и дали се моментални, субјективни, објективни и потоа да се преземат мерки за решавање на евентуалните проблеми.
– Ова е сосема нов статистички податок, делумно изненадува, но мора да се направи длабинска анализа. Улогата на владите е да создадат политичка клима, регулатива и да видат дали има некои други бариери, а бизнис секторот сам си го наоѓа своето место. Затоа ќе чекаме сугестии и анализа од бизнис секторот, можеби се работи само за моментален тренд, бидејќи размената расте две години, изјави Шапуриќ, одговарајќи на новинарско прашање.
Според претседателот на МБСК Кирил Лазаров, пад во еден квартал од неколку проценти не е ништо алармантно.
– Убеден сум дека трендот на зголемување на трговската размена ќе продолжи, рече Лазаров, посочувајќи дека носител на извозот во Бугарија се рудите, пред се, цинк и бакар, а стрежемот е да се извезат производи со висока додадена вредност.
Од задачите што пред една година до владите во двете држави ги испорачаа бизнисмените, се работи на изградба на инфраструктурата и се дополниле мерките за финансиска поддршка на инвестиците со Планот за економски раст.
Работите за граничниот премин Клепало се при крај и Шапуриќ очекува годинава да биде пуштен во употреба.
Дел од препораките се во фаза на имплементација, а дел се долгорочни.
– Имавме препорака да се даде приоритет на инфраструктурата, но имаше и такви препораки со коишто ја корегиравме на некој начин Владата затоа што договорените работи се реализираа бавно. Конекцијата со гасовоид меѓу Струмица и Петрич беше намерно или ненамерно испуштена во стратегијата и на нашата држава и во стратегијата на бугарската држава. Ние тоа го воочивме, реагиравме и го ставија во стратегијата. Следиме будно и контролираме, рече Лазаров.
Тој смета дека инфраструктурен проект што може да се заврши најбрзо, за една година, е гасоводот Струмица – Петрич, а тие места треба да се поврзат и железнички. Тоа не е дел од владината Стратегија, но лобираат и сметаат дека како проект за погранична зона може да се обезбедат пари од европските фондови.
На годишното Собрание беше потпишан меморандум за соработка помеѓу претседателот на Бугарско – македонската трговско-индустриска комора од Софија и Македонско-бугарската стопанска комора во Скопје.
Во фокусот, според Пламен Павлов од бугарската асоцијација, ќе биде регионалната соработка и енергетското и патното поврзување како единствен начин за успешна интеграција во Европската унија.
МИА