Во членот 105 од законот за јавно обвинителство се дефинира иднината на предметите што се составен дел на истрагите и предистражните дејствија на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Јас и Мицкоски не треба да одлучуваме за иднината на предметите. Одлуката треба да ја донесе правниот систем, односно обвинителство и затоа треба да стои во законот, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција одговарајќи на новинарско прашање.
Додаде дека опозицијата сака да се уништат овие предмети.
– Така ли ќе ја враќаме правната држава. Можеби 100 отсто од предметите ќе имаат иднина и ќе продолжат понатаму, а можеби 100 отсто ќе бидат уништени. Ниту јас, ниту Мицкоски не сме правници и не треба да дебатираме на овие теми, туку треба да дадеме иднина на предметите и процесите на СЈО, рече премиерот.
Во контекст на тоа, Заев рече СЈО треба да има иднина и тоа е замислено да биде дел од обвинителскиот систем во државата, да се задржи неговата финансиска независност и нивните капацитетите да јакнат.
-Ние мора да донесеме принципиелни одлуки. СЈО само во еден дел во неколку члена е разработено во законот за јавно обвинителство. Законот треба да го донесеме затоа што тоа им го должиме на граѓаните и е обврска, како пред нив и така пред државата, рече премиерот.
Сите знаеме, како што истакна Заев, дека користењето на незаконските прислушувани материјали заврши и оти СЈО ќе ја гони високата корупција и дека борбата против корупцијата е најважна и за европската интеграција, но и за граѓаните на државава.
МИА/Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Катица Јанева си поднесе неотповиклива оставка