Ќе има ли епилог по иницијативата на Државната комисија за спречување за кривично гонење на градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети поради непостапувањето во однос на дивоградбите на Матка или пак политичарите од власта повторно ќе најдат начин да се стави во фиока кривичната пријава и да се подзаборави на целиот случај е прашање чиј одговор ќе сигнализира колку се реални ветувањата на владејачката гарнитура за ревносна борба против корупцијата и криминалот.
Антикорупциската комисија вчера соопшти дека Беџети ги прекршил одредбите од Законот за локална самоуправа, бидејќи не постапувал по барањата за легализација на спорните времени објекти на Матка иако тоа било негова обврска.
Оттаму нагласија дека ваквите објекти не можеле да се легализираат, бидејќи се од времен карактер и со непостапувањата по барањата за легализација, Беџети го пролонгирал уривањето.
Смешно е што сега Беџети ги отфрла ваквите ставови на комисијата и најавува правна постапка за овој случај.
Инаку, антикорупционерите од Владата и до Министерството за транспорт и врски побараа и донесување решенија за преземање на работите од надлежност на овластениот градежен инспектор и препорачаа Владата во најкус можен рок да го задолжи Министерство за животна средина да изработи предлог-закон за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата.
Ваквата „акција“ на Антикорупциската комисија е за поздравување, бидејќи конечно се бара одговорност за случајот дивоградби „Матка“, како и соодветна заштита на оваа природна убавина.
Сега останува да се види како ќе се покаже правосудниот систем во однос на кривичната пријава за Беџети и дали Владата ќе ги прифати препораките на комисијата и ќе регира за заштита на Матка, што е своевиден тест за декларативните заложби за борба против криминалот и корупцијата и за заштита на природната средина.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Антикорупциска бара кривична одговорност од градоначалникот на Сарај, Беџети за платформата на Матка
Општина Сарај ниту ќе ги легализира, ниту ќе ги урива дивите платформи на Матка
Шилегов: Градот нема ингеренции да ги урива дивоградбите на Матка