Во емотивна атмосфера, со овации и срдечен аплауз, беше поздравена екипата на документарецот „Медена земја“ (Honeyland) на премиерните прикажувања пред македонската публика во рамките на фестивалот „Македокс“ и во скопското мултиплекс-кино „Синеплекс“.
Долгоочекуваната официјална премиера пред домашната публика на македонскиот победник на „Санденс“ и национален кандидат за „Оскар“ се одржа на 28 август во преполните Куршумли ан и Младинскиот културен центар, на затворањето на 10. издание на фестивалот за документарни филмови „Македокс“.
– Ова е најзначајната премиера на „Медена земја“ – пред својата публика, во Скопје – со овие зборови екипата на филмот: режисерите Тамара Котевска и Љубо Стефанов, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, снимателите Фејми Даут и Самир Љума, членовите на групата „Фолтин“ (кои ја направија музиката) и главната протагонистка на филмот – Атиџе, ги поздравија присутните во Куршумли ан.
На овој фестивал „Медена земја“ ја доби наградата „Млад кромид“ – за најдобар филм на нов автор. Жирито во состав: Винсент Дјутр, Виола Штефан и Ѓорче Ставрески го истакна високиот квалитет и разновидноста во селектираните филмови од оваа категорија.
– Поради убавината и силата на сликите, срдечноста при набљудувањето на непознатата и сурова реалност и поезијата во визуелниот пристап, решивме да ја доделиме наградата на восхитувачкиот филм „Медена земја“ на Љубо Стефанов и Тамара Котевска – потенцираа од жирито.
Вчеравечер (29 август) се одржа и премиерата во скопското мултиплекс-кино „Синеплекс“ во „Скопје сити мол“. Екипата овој пат беше придружувана од второто семејство, Сам – кои се протагонисти во документарецот. Во првата вечер од прикажувањето беа исполнети три киносали. Проекциите беа проследени со дегустација на медот од медената земја.
Почнувајќи од денеска (петок) документарецот е на редовниот репертоар на „Синеплекс“, со по четири проекции дневно. Влезниците за кинопроекциите веќе се во продажба.
По триумфот на престижниот американски филмски фестивал за независни филмови „Санденс“, на почетокот на годината, „Медена земја“ освои низа награди и оствари успешни претставувања на фестивали и во киносали ширум светот. Најнов успех се номинацијата за македонски кандидат за „Оскар“ и влезот во трката за најдобар документарец на Европските филмски награди (ЕФА).
Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар“ при Друштвото на филмски работници на Македонија деновиве соопшти дека „Медена земја“ ќе биде национален кандидат во категоријата за филмови од неанглиско говорно подрачје.
Влијателниот американски филмски веб-сајт „Индивајр“ (Indiewire) во својот текст со наслов „Оскар 2020: Предвидувања за најдобри интернационални филмови“ го вклучи нашиот документарец во потесниот избор на филмови со најголеми шанси да добијат номинација за најдобар странски филм на претстојните „Оскари“.
Исто така, „Медена земја“ е во конкуренција од 12 филмови за наградата најдобар европски документарец за 2019 на престижните Европските филмски награди (ЕФА), популарно нарекувани „Европски оскари“. Пет од 12-те кандидати ќе влезат во потесниот избор кој ќе биде објавен на 9 ноември во Севиља, Шпанија. За оваа селекција одлучуваат гласовите на 3600 членовите на ЕФА. Победниците ќе бидат прогласени на церемонијата која ќе се одржи на 7 декември оваа година во Берлин.
На официјалната страница на филмот, honeyland.earth сè уште е актуелна и кампањата за поддршка на протагонистите во „Медена земја“. Со нарачана тегличка од чудесното и вкусно злато на медената земја, чија приказна започна да го менува светот, може да се придонесе во донаторската кампања. Пријател на „Медена земја“ за дистрибуција на медот во светот е „ДХЛ Експрес“ .
Поддршка за промоциите на „Медена земја“ во Македонија даде издавачката куќа „Арс Ламина“.