еМагазин
Image default
Македонија

Груевски се огласи за сведочењето на Верушевски: Ова е најголемата бомба, снимките биле монтирани!

Поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој стана азилант во Унгарија, се огласи на својот Фејсбук профил за сведочењето на Зоран Верушевски, кој се огради од „бомбите“ и на судењето за „Таргет-Тврдина“ рече дека истите завршувале кај СДСМ и лидерот на партијата Зоран Заев.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Што сакаше да каже Верушевски со сведочењето дека „бомбите“ доживеале стравотна модификација и компромитирање

Пресврт на судењето за „Таргет-Тврдина“: „Бомбите“ завршуваа во СДСМ и кај Заев, а не кај мене, вели Верушевски

Груевски вели дека со ова вистината испливала на површина, а таа била дека „бомбите“ се сечени и монтирани.

„Полека, но сигурно вистината испловува на површина…

Кога се појавија “бомбите” во 2015 година објавивме дека не се автентични и целовити односно дека отпосле во нив се вршеле интервенции. Медиумите, новинарите, аналитичарите и хејтерите кои го подржуваа СДСМ се мајтапеа со фразата “сечени, лепени, прелепувани и монтирани”. Можеби од маркетиншки аспект тие изрази не беа најдобро избрани, но беа вистината.

Мислам, дека и голем дел од неутралните, а дел и од нашите подржувачи, или кратко кажано дел од јавноста, со сомнеж гледаа на тие наши соопштенија и изјави.

Денес тие кои ги подготвуваа и лансираа истите, јавно, во медиуми, дел од нив и во суд го потврдуваат тоа.

Знам дека на дел од таа јавност не и беше доволно кога ние го тврдевме истото.

“Не и се вклучи сијалицата” ни кога судиите, како никаде во светот го одбија нашето барање, самиот суд да ангажира вештаци и да се изврши вештачење на автентичноста, веродостојноста и особено целовитоста на нелегално прибавените аудио снимки. Нели е малку чудно, да имаш нелегално прибавени докази, кои си ги добил како копии, а не како оргинал и да не сакаш, ниту да побараш да се споредат со оргиналот за да се увериш дека нема манипулација, ниту на тој начин да се вештачи нивната целовитост, автентичност и веродостојност.

Самиот сведок на СЈО, Ѕвонко Костовски во судот кажа дека ги “копирал” на ЦДа и ги испорачувал понатаму.

Кој нормален судија во светот особено за вакви случаи би си дозволил таков пропуст, освен уценет, заплашен или притиснат судија од режимот на власта?

Кога ние самите како неправедно обвинети ангажиравме лиценциран вештак за ваков вид проблематика и извештајот го доставивме до судијаката Кацарска, таа одби да го прифати како доказ, како што одби таа самата по нејзин избор да ангажира таков вештак, кого сака.

Нели тоа беше чудно?

Потоа, веројатно по некоја грешка или момент на слаба концетрација од секојдневно преслушување аудио матерјали, на оној Ел Чека, кој не крие дека неизмерно ме мрази, му излета една снимка од разговор кој траеше околу 12 минути, а поврзана со случајот Мартин Нешковски и од кој за разлика од кратениот и монтиран разговор кој го пушташе Заев, јасно се разбира дека воопшто не сме сакале да прикриваме убиство. Напротив, обратно е. Но и тоа, за многу луѓе не беше доволно.

Следуваше изјавата на Заев, кој правдајќи го претходното од Ел Чека, јавно си призна дека разговорите кои ги добил биле долги, па тој морал да ги крати. И така, при кратењето, на пример во онаа за Мартин Нешковски, наместо народот да разбере дека сме правеле се што било во наша моќ и не сме се согласувале со прикривање, тој народ слушајќи ја “вешто скратената” верзија на Заев се собра пред владата со желба да не линчува, па притоа 40 полицајци завршија во болница, а ниту еден од оние кои ги нападнаа.

И сега конечно, помалку неочекувано, за многумина “неверници и оние кои свесно одбиваат да веруваат” дојде сведочењето на Зоран Верушевски, во кое тој самиот кажува дека аудио снимките биле сериозно сменети, или како што кажа “модифицирани и компромитирани” од оние кои тој му ги предал на Заев.

Е ова е “бомба”. Поголема од сите досега.

Ова е најсилната “бомба”!!!

Извршителите на целата операција јавно и во суд потврдуваат дека владата на ВМРО-ДПМНЕ беше компромитирана, а потоа и покрај победата од страната на власта, а стотици поединци судени, осудени, притворани, претресувани, жигосани, оцрнети, компромитирани со не само нелегално прибавени аудио снимки односно копии од такви снимки, туку и сериозно едитирани, модифицирани и компромитирани, или… пак ќе се вратиме на поранешната фраза која исплива на површина како и секоја вистина: сечени, лепени, прелепувани и монтирани.

Секако, дел од таа јавност повторно нема да се согласи со ова и ќе продолжи да не напаѓа и обвинува, особено мене. И тоа е во ред. Нека тераат како што сакаат. Демократија е нели, па секој може што сака да коментира.

Но, вистинското прашање е, како после ова ќе се однесуваат судиите, како оние во Кривичниот суд, така и во Апелациониот и во Врховниот суд. Независно “кој чив е” и за кого е. Кој кого сака или мрзи, политички или било како (алудирам на судии блиски до СДСМ). Независно кој ги притиска, им се заканува, ги уценува или ги поткупува со ветени унапредувања, вработувања на луѓе од нивното семејство или верувања дека ќе ја поделат со нив паричната штета која би ја добиле, а која нетреба да ја добијат.

На Заев воопшто нема да му е гајле за нив кога ќе биде сменет од премиер. Тој ќе гледа како себе да се спаси од злоделата кои и ги направи на Македонија и на многу луѓе кои ги гледаше како пречка на патот во реализација на неговите валкани цели“, пишува Груевски.

Целиот негов статус, ОВДЕ.

Фото: Фејсбук/Груевски

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ревакцинирани вкупно 764.953, трета доза примиле 1.292 граѓани

Редакција

Ковачевски ја осуди одлуката на Русија за признавање независност на Доњецк и Луганск

Редакција

Сослушани неколку сведоци на рочиште во раздвоената постапка за „Тенк“

Редакција