еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Академик Ќулавкова: „Францускиот предлог“ е вовед во дезидентификација, делегитимација и колонизација на Македонија

Академик Катица Ќулавкова на својот Фејсбук профил го коментира т.н. француски предлог.

“Т.н. француски предлог е дезавуирање и супституција на стандардната пракса на ЕУ и увод во почеток на бесконечни преговори на Македонија со Бугарија, која добива одврзани раце да го обновува ветото сѐ додека не ја постигне саканата цел.

Наместо преговори со ЕУ, добиваме преговори со Бугарија за услови кои не можат да бидат исполнети и за прашања кои не смеат да бидат предмет на преговори.

Наместо да се отстрани ветото, се создаваат услови за ново вето, за политички, психолошки, економски, едукативен, медиумски и друг притисок врз Македонија и Македонците. Македонскиот народ веќе е подложен на јавен и систематски медиумски говор на омраза, не само од надворешни, туку и од внатрешни фактори.

Фејк пропаганда е дека не се зборува за историски теми, напротив, историските теми таксативно се наведени. Засегната е македонската национална, политичка, културна (па и црковна) историја.

Под колонијалистичка закана се наоѓа слободата на мислење, изразување, говорење и толкување на историјата и стварноста. За тоа веќе се искажаа бројни европски политички аналитичари.

Реториката на предлогот е ултимативна. Позицијата на Македонија е подредена и не станува збор за никаков реципроцитет. Македонското многубројно малцинство во Бугарија не е признато, нема да влезе во Уставот, нема да биде конститутивен чинител, нема да има гарантирани законски права, напросто македонската страна не го спомнува како реалност.

На асимилираните Македонци кои се интегрирани во бугарското општество со децении и векови никој не им брани да се декларираат како Бугари, но тие немаат право своите идентитетски стигми да ги проектираат врз Македонците од Македонија и од светот.

Никаква институционална ЕУ гаранција за ништо не постои. Одделни претставници на ЕУ засега нудат само незасновани оптимистички толкувања, како што нудеа и пред потпишувањето на Преспанската спогодба и Охридскиот договор. Веќе видено сценарио.

Општо земено, овој чуден, невообичаен сет од документи, е увод во дезидентификација, делегитимација и колонизација на Македонија (за културниот и политички хегемонизам на Балканот во минатото веќе имам пишувано).

За вака сериозни геополитички и стратешки прашања кои најмногу го засегаат македонскиот народ, за коишто не се слуша гласот на науката и не се бара официјално мислење од МАНУ, неопходно е да се примени и можноста за двојно гласање, не само на вкупниот состав, туку и на македонскиот дел.

Бадентеровото мнозинство, имено, е привилегија само на малцинските заедници во Македонија, така што и по таа основа Македонците се дискриминирани во Македонија. Сепак, треба да се изведе и посебно гласање само на македонските пратеници.

Како и да се гласа, ако се заземе став спротивен на референдумските решенија од 1991 и 2018, спротивен на Резолуцијата на Собранието од пред неколку месеци, па и спротивен на ставот на мнозинството граѓани кои протестираат јасно и гласно против ултиматумите поставени пред Македонија, тогаш одлуката на Парламентот ќе биде нелегитимна.

Закани од типот ова е најдобриот можен предлог и нема повеќе да добиеме ваква историска шанса се проблематични не само за Македонија, туку и за ЕУ. Ако е ова најдобриот предлог за Македонија, тогаш „има нешто гнило“ во самата Унија.

Конечно, провидна е тактиката која сака да изнуди прифаќање на наметнатиот непристоен и штетен сет на условувања. Таа тактика, нудејќи ѝ „слободен избор“ и европски спас на Македонија, всушност од неа бара, не по прв пат, да даде „демократска“ согласност за сопствената доживотна робија“, пишува таа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Фон дер Лајен ќе се сретне со „северномакедонскиот“ претседател, но не и со македонскиот

Од мене и дедо ми и баба ми големо НЕ за „францускиот предлог“

Фото: Ќулавкова/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Директорот на ДЗС, Симовски тврди дека податоците кои се собрани со пописот се точни

Редакција

По Кунстхале Виена, изложбата „Ниедно чувство не е конечно. Колекција на солидарноста, МСУ Скопје” се отвора во Прага

Редакција

Нови правила за градинките: Максимум 12 деца и две негователки за групите до две годишна возраст

Редакција