Што предвидува бизнис-планот на Алкалоид за 2026

Бизнис-планот на Алкалоид АД Скопје за 2026 година, донесен со одлука на Управниот одбор на седницата одржана на 29.12.2025 година, предвидува инвестирање на околу 8% од консолидираните приходи од продажби во материјални и во нематеријални средства, раст од 7% на консолидираните продажби во однос на реализираните во 2025 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит во однос на 2025 година, информираа од таму.

-Бизнис-планот за 2026 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот. Околностите и настаните во 2026 година, а со тоа и остварените резултати може да варираат во однос на прикажаните во Бизнис-планот, велат од таму.

Очекувања на Алкалоид за претстојниот период

Трендот на работење во отежнати економски услови, кои беа актуелни во изминатите неколку години, продолжи и во 2025 година, велат од таму.

-Доминанти предизвици беа инфлацијата и порастот на каматните стапки, кои, сепак, според сите очекувања, би требало да влезат во зоната на стагнација, а можеби и на благо опаѓање. Секако, глобалните безбедносни кризи ги отежнуваат економскиот амбиент и предвидливоста, што секогаш може да повлијае и врз цените на енергенсите, да создаде тешкотии во синџирите на испораки, но и да повлијае врз достапноста на одредени материјали.

Дополнително, потенцијалниот ризик од глобална трговска војна може да предизвика нови покачувања на цените на суровините и да доведе до зголемени трошоци во работењето. Внимателно го следиме развојот на настаните и преземаме мерки за ублажување на овие потенцијални ефекти.

Очекуваме во 2026 година да продолжиме по патеката на континуираниот раст базиран на можностите од нашите тековни инвестиции во нови производствени капацитети и опрема и од вложувањата во развојно-истражувачки проекти, на тој начин создавајќи конкурентно портфолио и можности за ширење на пазарите.

За остварување на овие цели ќе продолжиме и со нови вработувања во земјава, но и на странските пазари, притоа континуирано вложувајќи во подигнувањето и во усовршувањето на нивото на знаења и на вештини на нашите вработени и во градењето таленти, велат од таму.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Како се движела цената на акцијата на Алкалоид лани

Алкалоид лани со инвестиции од 18 милиони евра и 54 нови вработувања

Алкалоид лани со рекордни консолидирани продажби од 339,3 милиони евра и извоз од 221,6 милиони евра

Фото: Алкалоид

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести