еМагазин
Image default
Локално

Апел да не се вози по патниот правец Отешево-Охрид, на делницата Дервен-Царина

Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, апелира да не се вози по патниот правец Отешево-Охрид, поточно делницата Дервен-Царина.

„Наведениот патен правец, согласно годишната програма за одржување на патишта е категоризиран во трета категорија, со што практично воопшто не се одржува во зимскиот период.

Истиот патен правец, поради ниските температури, снежните наноси и надморската висина на која се протега, во моментот е комплетно небезбеден за сообраќај, а од излетничкото место Корита до Царина на преспанска страна има забрана за користење,“ велат од ПСС при Црвен крст Охрид.

Од таму додаваат дека, во изминатите три викенди, оперативниот центар на ПСС доби голем број повици за асистенција на заглавени возила, а интервениравме дури во 13 случаи за извлекување.

„Свесни за овој проблем, кој се провлекува веќе неколку години, на наша иницијатива, на 24.01.2023 година, во просториите на СВР Охрид се одржа состанок на кој, покрај претставниците на СВР и ПСС, беа присутни и претставници на Национален парк Галичица и на Jавното претпријатие за одржување на патиштата.

Целта на состанокот, беше изнаоѓање на решение за безбдено одвивање на сообраќајот на овој патен правец согласно годишната програма или негово целосно затворање за сообраќај.

За жал, беше констатирано дека во моментот не постои законска можност за промена на годишната програма, но исто така не постои ниту можност за редовно одржување на патиот правец согласно истата програма, со што безбедноста од употребата на овој патен правец, се остава на совеста и проценкaтa на самите граѓани.

Од тие причини, а имајќи во предвид дека секоја интервенција на ПСС повлекува ангажирање на сериозни ресурси, кои имплицираат трошоци и се изложуваат на висок степен на ризик, апелираме до граѓаните, да се однесуваат совесно и да не се впуштаат во непотребни авантури на овој патен правец.

Доколку и покрај сѐ, сепак дојде до заглавување на возила поради снежни наноси или мраз, сопствениците ги молиме да се обратат за помош до Јавното претпијатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта, кое е надлежно за одржување на овој патен правец, до АМСМ или некоја друга шлеп служба, специјализирана за ваков вид на услуги.

Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид, е доброволна хуманитарна организација, која е специјализирана за спасување на настрадани од тешко пристапни места и во комплексни операции.

Истата делува волонтерски и не наплаќа за своите услуги, поради што апелираме повиците до нашиот оперативен центар да се упатуваат само во случаи кога навистина се работи за живото-загрозувачки ситуации, несреќи и сл.

Како љубители на планината и спортовите на отворено, длабоко ја разбираме потребата на граѓаните за идилични зимски излети, но апелираме на високо ниво на свесност и одговорност во однос на ризиците кои со себе ги носат зимата, снегот и мразот,“ се додава во соопштението.

Фото: ПСС Црвен Крст Охрид

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

14-годишна девојка која се водеше за исчезната од вчера, најдена на Железничката станица во Скопје

Редакција

Седумгодишно дете паднало од тераса во Кавадарци, пренесено во Клиничкиот центар во Скопје

Редакција

Два автомобили гореа во Скопје зафатени од пожар во контејнер

Редакција