еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Апелација му ја намали казната на сопственикот на порталот „ДоказМ“

Апелациониот суд Скопје ја одби како неоснована жалбата на Основното јавно обвинителство Скопје во врска со случајот „ДоказМ“, а жалбите на обвинетиот Марјан Стаменковски, сопственик на истоимениот портал, делумно ги уважи.

На седницата одржана на 19 мај во Апелациониот суд Скопје, Јавното обвинителство побара повисока казна, а одбраната повторување на постапката за случајот.

– Апелациониот суд Скопје постапувајќи по кривичниот предмет КЖ-357/23, по одржаната јавна седница на ден 19.05.2023 година, донесе пресуда со која жалбата на Основното јавно обвинителство С., ја одби како неоснована, а жалбите на обвинетиот М. С. од С., делумно ги уважи.

По жалбите и по службена должност пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.429/23 од 04.04.2023 година, ја преиначи во делот на одлуката за кривична санкција на начин што обвинетиот М. С. го осуди на единствена казна затвор во траење од две години и шест месеци и на парична казна во износ од 5.000 евра во денарска противвредност од 308.450 денари, се наведува во денешното соопштението од Апелацискиот суд.

На обвинетиот М. С., како што е посочено во соопштението, му се изрекува и „забрана за вршење професија, дејност или должност поврзани со кривичните дела“, односно забрана да врши регистрација на домеин и да се јави како регистрант или сопственик на портал за време од шест години и престанок на регистрацијата на сите регистрирани домеини во кои обвинетиот се јавува како сопственик на портал.

– Пресудата на Основниот кривичен суд Скопје К.бр.429/23 од 04.04.2023 година, во делот за кривичното дело „уцена“ од член 259 став 1 в.в. член 19 од КЗ, ја укина и предметот во тој дел го врати на првостепениот суд на повторно судење, од причина што првостепениот суд не ги утврдил со сигурност решителните факти кои се од влијание за правилна примена на материјалното право, по однос на елементот од битието на кривичното дело „уцена“, се наведува во соопштението.

Од Апелациониот суд Скопје информираат дека Одлуката ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите.

На Стаменковски, Основниот кривичен суд Скопје му изрече единствена затворска казна во траење од три години и еден месец. Тој се товареше за пет кривични дела, односно за две дела ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.

Освен затворската на Стаменковски му беше изречена и парична казна од 5.000 евра заради злоупотреба на лични податоци како и забрана за вршење професија или дејност поврзана со кривичните дела, односно му се забранува регистрација на домен за портал за период од 10 години, а му престанува регистрацијата на домените кои што тој ги регистрирал.

При претрес на домот на сега осудениот полицијата запленила документација, електронски уреди и 90.000 евра. За оваа сума пари Обвинителството се сомнева дека потекнуваат од други кривични дела и за нив е отворена нова истражна постапка.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Измамил 283 ковид пациенти за 1,5 милион евра: Детали од обвинението за Жан Митрев и неговата клиника

Редакција

Италијанската „ЕОС консалтинг“ го доби тендерот на Град Скопје за надзор на градежни работи вреден 487.000 евра

Редакција

Избори во Франција: Макрон останува претседател

Редакција