Издавачката куќа „Арс Ламина“, во соработка со книжарницата „Литература.мк“, донираат училишна опрема за деца во социјален ризик, во рамките на добротворната акција „Среќна школска година“ на Здружението за хумано-општествен развој „Проект Среќа“.
Донацијата содржи повеќе од 850 парчиња: едукативни помагала и училишни материјали, како и списанијата за ученици „Мини Либи“ и „Либи“.
Донаторските пакети беа врачени вчера, а ќе се доделуваат и денеска (7 септември) по 16 часот пред кугланата во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје.
Меѓу другото, за децата се наменети: тетратки, блокчиња, постери за во училница, геометриски блокчиња, нотни тетратки и примероци од списанијата „Мини Либи“ и „Либи“ во вкупна вредност од повеќе од 64.600 денари, обезбедени од „Арс Ламина“ и „Литература.мк“.
Донацијата ќе им го олесни финансискиот товар на многуте родители кои, за жал, не се во можност да им овозможат на своите деца нова школска опрема на почетокот на оваа училишна година.
Ова е втора година по ред како книжарницата „Литература.мк“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ го поддржуваат донаторскиот повик на „Проект Среќа“, под мотото дека „секое дете треба среќно да ја почне учебната година“. Пред неколку месеци, пак, заеднички ја збогатија и училишната библиотека на ПОУ „Златан Сремeц“ – Скопје, со донација од над 50 книги и сликовници.
На почетокот на новата учебна 2018/19 година „Арс Ламина“ и „Литература.мк“ се заложуваат да ги направат подостапни школските материјали до најранливите социјални групи, донирајќи книги, учебници и дидактички помагала. Минатата недела издавачката куќа „Арс Ламина – публикации“ подари библиотека на Дневниот центар за психосоцијална поддршка на децата заболени од малигни болести, „Собата на Жозеф“ во Детската клиника – Скопје, опремена по иницијатива на Здружението за борба против рак, „БОРКА – За секој нов ден“.