Асоцијацијата на спортски обложувалници на Македонија (АСОМ) денес испрати писмо до Делегацијата на Европската Унија во земјава со цел да ја изрази својата загриженост за неодамнешната одлука на Владата да предложи нов закон за индустријата за игри на среќа во скратена постапка под знамето на ЕУ.
„Длабоко сме загрижени дека оваа одлука нема правна основа и е во спротивност со принципите на демократскиот процес и учеството на јавноста. Јавната расправа за овој важен закон практично ќе биде оневозможена поради злоупотреба на европското знаме и сметаме дека тоа го поткопува интегритетот на ЕУ и нејзините вредности“, се вели во писмото кое АСОМ го достави до ЕУ.
Во писмото од АСОМ посочуваат дека доколку се усвои предложениот закон тој ќе ја затвори целата индустрија за игри и ќе принуди 10.000 луѓе да останат без работа. Тие посочуваат дека директно и индиректно ќе бидат погодени 45.000 луѓе, потенцирајќи дека многу сродни бизниси и компании сериозно ќе настрадаат.
„Ова е големо преобликување на индустријата и не може да се направи без редовна процедура и дебата. Исто така, овој закон не постои во ниту една европска држава, ниту пак досега е користено вакво законодавство во ЕУ каде што нашата земја има за цел да интегрира,“ истакнуваат од АСОМ.
АСОМ во писмото до ЕУ се повикуваат на извештајот за напредокот на Македонија објавен во 2021 година, „суштинските закони се носат по скратени процедури и со знамето на ЕУ што го скратува рокот за дебата“, и предупредуваат дека земјата повторно ја прави истата грешка, но, овој пат, за закон кој ќе има досега невидени последици по животот на луѓето и фирмите вработени во индустријата.
„Силно веруваме дека сите закони кои ја засегаат индустријата за игри, или која било друга индустрија, мора да бидат предмет на транспарентна јавна дебата, земајќи ги предвид ставовите на сите засегнати страни и обезбедувајќи почитување и заштита на правата на граѓаните.
Ја повикуваме ЕУ да преземе итни мерки за да се осигура дека владеењето на правото се почитува и дека правата на сите граѓани се заштитени во овој процес,“ се вели во писмото на АСОМ.
Од АСОМ во писмото изразија надеж дека ЕУ сериозно ќе ја сфати нивната загриженост и дека ќе го искористи своето влијание за промовирање на транспарентноста, отчетноста и почитувањето на владеењето на правото во Македонија.
„Ве повикуваме да ја ревидирате употребата на знамето на ЕУ за овој закон и соодветно да реагирате. Исто така, бараме средба со вас за дополнително да ги презентираме нашите ставови и да ве информираме за злоупотребата и недемократскиот пристап на Владата кон индустријата,“ порачаа од АСОМ во доставеното писмо до Делегацијата на Европската Унија во земјава.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: Делегација на ЕУ