Ова “НЕ” е многу поевропско од многу други т.н. европски одлуки, однесувања, припадности, вредности, ова е лекција која ќе треба да ја прифатат и да ја учат…., напиша во објава на Фејсбук, Стојан Бајрактаров, директор на ЈЗУ Универзитетска клиника за психијатрија во Скопје, осврнувајќи се на отфрлањето на францускиот предлог за деблокада на македонските евроинтеграции во спорот со Бугарија од страна на премиерот Димитар Ковачевски.
Бајрактаров го почнува постот за дефинирање на идентитетот од страна на неговиот пријател професорот Вамик Волкан, кој вели дека идентитетот на големите групи (етнички, национални, верски) се дефинира како субјективно искуство на илјадници или милиони луѓе кои се поврзани со постојано чувство на истост.
Главната задача, пишува Бајрактаров, што ја споделуваат членовите на голема група е да го одржуваат, заштитат и унапредуваат својот групен идентитет. Тој образложува дека „избраната траума“ која заеднички ја преживува тој ентитет претставува круцијална компонента на овој идентитет.
Терминот „избрана траума“ се однесува на заедничката ментална претстава за огромна траума што претрпува таа група, или нивните предци на групата од страна на непријателот. Кога историјата ќе се повтори, таа избрана траума повторно се активира со цел да се поддржи загрозениот идентитет на групата. Ова повторно активирање, нагласува, има одлучувачко влијание на одржувањето, но и на градењето и наративот на самиот идентитет, а со тоа и а групните карактеристики на таа група која потоа влегува во генскиот наратив и е одлучувачки фактор за историска проекција за развој на таа група.
Однесувањето на лидерите во вакви ситуации, нивните одлуки, како што дополнува Бајракатров, е она што потоа се вика историја на народ, и која го отсликува, но и на која се повикува секој претставник на таа група, и кој ја доживува како личен придонес во колективното свесно на групата.
За минатите генерации, таква „избрана закана„ беше заканата од Советскиот Сојуз на бивша Југославија, и историското НЕ кое Тито му го кажал на Сталин, што сите кои имаат сеќавање за Југославија ќе се сложат дека беше доживеано како момент на гордост и на пресврт во историјата на таа земја, а која одлука го трасирале и личниот подем на Тито и градењето на светската сила наречена „Неврзани земји„.
Неизбежна ми е, наведува Бајрактаров, асоцијацијата со големото, историско „НЕ“ кое премиерот Ковачевски им го кажа на Европската Унија, односно на наметнатата „избрана траума“ од страна на нашите источни соседи. Ова “НЕ” е знак на нашето национално достоинство, самодоверба, истрајност, одлучност, непоколебливост, и ова е одлука која го гради и го јакне нашиот идентитет, и на која ќе се повикуваат и нашите поколенија како одлучувачки пример на гордост за припадност на ваков ентитет. Ова “НЕ” е многу поевропско од многу други т.н. европски одлуки, однесувања, припадности, вредности, ова е лекција која ќе треба да ја прифатат и да ја учат…
-Денес навистина сум горд што сум Македонец. Меѓу другото, и затоа што пак историски се повторува истата агресија од истиот непријател, односно пак ја преживуваме истата траума како и во втората светска војна, но и на ист начин возвраќаме, и затоа сум денес сигурен дека пак ќе победиме, како и во претходните борби или војни со истиот непријател кој треба еднаш веќе да си ја прифати својата колективна генетска приказна, стои во објавата.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Жестоки реакции за транспарентите „Македонија е Бугарија“ во бугарското Собрание, од ЕУ молк
(Фото) Отворени територјални претензии во бугарското Собрание: „Македонија е Бугарија“
“Францускиот предлог“ не е конечен, од три прашања зависи дали Македонија ќе каже „да„ или „не„
Фото: МИА