еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Банките можат да исплатат дивиденда, Народна банка го укина ограничувањето

Народната банка ја укина одлуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките.

Одлуката е укината денеска на седница на Советот на Народната банка откако се согледани актуелните околности во глобалното и домашното опкружување и показателите за банкарскиот систем во првата половина од годинава.

Одлуката за укинување ќе стапи на сила по нејзиното објавување во Службен весник.

Од Народната банка информираат дека согласно со оценките на меѓународните финансиски институции и централните банки на водечките економии, во глобални рамки се подобрува економскиот амбиент со што се очекува тоа да придонесе и за закрепнување на македонската економија.

– Согледувајќи намалени ризици поврзани со пандемијата на Ковид-19, Европската централна банка на 23 јули 2021 година донесе одлука за укинување на привремените ограничувања во однос на дивидендите, а заклучно со 30 јуни 2021 година престана и важноста на привремените ограничувања во однос на дивидендите воведени од страна на Системот на федерални резерви на САД, се наведува во соопштението од Народната банка.

Притоа, се додава дека и резултатите од најновите циклус стрес-тестирања спроведени во домашниот банкарски систем покажуваат дека има солидна отпорност на евентуални ризици, а поволни се и остварувањата на банкарскиот сектор во првото полугодие од годинава.

–  Советот детално ги разгледа и првичните показатели за банкарскиот сектор заклучно со крајот на првото полугодие од 2021 година и заклучи дека неговите остварувања од почетокот на годината се поволни, при што кредитната поддршка и натаму расте (со годишна стапка од 5,1%), подобрена е профитабилноста, а капиталната позиција на банкарскиот систем и натаму јакне, што е видливо преку натамошен раст на износот на капитал од близу 5,4 милијарди денари.

Ваквите остварувања се одраз на постабилниот амбиент, претпазливото однесување на банките, како и на донесената одлука на Народната банка, велат од централната банка.

На седницата на Советот е нагласено дека поради неизвесноста со пандемијата, банките и понатаму треба претпазливо да ги планираат своите капитални потреби и да му дадат приоритет на натамошното јакнење на капиталните позиции, соодветно со преземените ризици во работењето.

Одуката за привремено ограничување на распределбата и исплатата на дивиденда на акционерите на банките беше донесена во февруари годинава во согласност со препораките на Меѓународниот монетарен фонд и Европската централна банка.

Целта беше да се делува превентивно за натамошно зголемување на отпорноста на банкарскиот систем и одржување на стабилноста, во услови на неизвесност и продолжени ефекти од кризата oд пандемијата на Ковид-19.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детали од Обвинителството: Со акцијата „Синџир“ опфатени 26 физички и 28 правни лица од Неготино, Кавадарци, Битола и Охрид

Редакција

Убиен еден од украинските преговорачи поради наводно предавство

Редакција

По пожарот, Генчовска ќе го посети центарот „Ванчо Михајлов“ во Битола

Редакција