еМагазин
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Бектеши бара поддршка од ИВЗ и МПЦ за штедење струја

Министерот за економија Крешник Бектеши денеска побара поддршка од поглаварот на Исламската верска заедница (ИЗВ), реисот Шаќир Фетаху за почитување на мерките за штедење на струја од страна на ИВЗ и нејзините верници.

Тој најави дека ќе разговара и со Македонската православна црква за поддршка во активностите за справување со енергетската криза. Целта е да се намали потрошувачката и да се ослободат повеќе количества на струја за индустријата.

– Голема поддршка ќе биде секоја порака што ќе излезе од страна на ИВЗ, а тоа ќе се сподели преку џамиите до сите верници, било да се тоа Албанци, Турци… Тоа е многу важно заради тоа што секое штедење го помага семејниот буџет, воедно ги помага и институциите во делот да се намалат трошоците, а и потребите во делот на потрошувачката заради тоа што имаме одредена потрошувачка која е на регулиран, а другата на слободниот пазар, за да се ослободат количества со кои може да се помогне на индустријата која креира работни места и на таков начин приходите во нашите семејства да не се скратат, рече Бектеши.

Фетаху од своја страна апелираше до сите граѓани во овие тешки моменти да бидат свесни за улогата и придонесот што може да го имаат. Тој најави дека веднаш ќе преземат мерки како да ја рационализираат потрошувачката на струја, иако, како што нагласи, внимаваат во тој дел.

– Имаме над 700 објекти, 13 муфтивства, со сите ќе разговараме како да се придонесе во ова, а и јас како поглавар на ИВЗ секој петок ќе бидеме заедно со моите соработници и верниците ќе зборуваме на оваа тема и за излез од кризата, изјави Фетаху.

Додаде дека како ИВЗ од секогаш, дури и пред кризата, рационално ја користат електричната енергија, бидејќи, како што информираше, сите објекти на ИВЗ се одржуваат од придонесите на верниците.

– Електричната енергија многу малку се употребува во нашите објекти, само поради тоа што внимаваме со трошење. Значи штедење кај нас во верските објекти е и верска обврска, општествена обврска, како и индивидуална обврска, нагласи Фетаху.

На новинарско прашање околу начинот на рационалното штедење на електричната енергија тој објасни дека ИВЗ ќе излегува да даде што поголем придонес во подобро организирање, штедење и рационално трошење на електричната енергија.

– Трошењето без граница во исламското учење е голем грев. Затоа имаме и верска обврска да внимаваме за секој денар кој влегува во буџетите на нашите верски објекти. Ние ќе одржуваме предавања на сите јазици, бидејќи ние ги опфаќаме сите јазични подрачја.

Нашиот глас се слуша кај сите граѓани без оглед на верска и етничка припадност. Тоа ни е верска должност, општествена должност и тоа ќе го правиме со големо ангажирање и со голема свест од страна на сите наши кадри, истакна поглаварот на ИВЗ.

Како што информираше Бектеши, неговиот тим денеска разговара со МПЦ за да се одреди термин за средба на оваа тема, а очекува таа да се реализира неделава.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Продавниците во Солун ќе затвораат порано за да заштедат струја

Редакција

Бимилк енергетски се трансформираше со фотоволтаичната централа за создавање обновлива енергија и користење природен гас

Редакција

Отпис на камати на долгови за 150.000 граѓани, најави Заев

Редакција