еМагазин
Image default
ТОП СТОРИИ Убава приказна

Билјана Алампиоска Андреевска, колекционер на „Малиот принц“: Ја поседува книгата на 51 јазик и има повеќе од 60 различни изданија

Билјана Алампиоска Андреевска, е колекционер на „Малиот принц“, ја поседува книгата на 51 јазик, има над 60 различни изданија, два стрипа, и на неколку дијалекти од келтските јазици.

Започнала со собирање пред повеќе од 10 години, кога една другарка ѝ ја донела на шпански јазик, и не знаела што со неа во тој момент. Најпрво започнала со собирање на книгата на јазиците од регионот, а потоа и на многу други различни јазици како на тагалошки, грузиски, виетнамски, јапонски, кинески.

„Секој јазик има своја вредност и е уникатен на свој начин. Од поголемите светски јазици книгата ми недостига на арапски, па тоа е еден од јазиците кој би сакала да го имам. И секако, било кој од афричките јазици, бидејќи се навистина тешко достапни,“ вели Алампиоска Андреевска за „еМагазин“.

„Малиот принц“ е книга која е преведена на повеќе од 300 јазици, дијалекти и продадена е во 140 милиони копии, што ја прави една од најпродаваните и најпреведувани книги, па така е и предизвик за секој колекционер да ја има.

Она што е специфично за оваа книга, вели Алампиоска Андреевска е што илустрациите во книгата се секогаш исти, и затоа, на кој јазик и да ја добие, секогаш знае, на кој дел од книгата е.

Алампиоска Андреевска вели дека ковид-пандемијата го успорила нејзиното колекционерство.

„Имајќи предвид дека секој примерок на книгата сакам директно да дојде од земјата каде се зборува јазикот, а не да е онлајн нарачан, пандемијата дефинитивно го успори збогатувањето на колекцијата.

Но, со тек на време луѓето повторно ќе почнат поинтензивно да патуваат, па верувам дека за брзо ќе имам нови примероци на нови јазици,“ додава нашата соговорничка.

Само со срцето се гледа вистински, суштинското е невидливо за очите

Малиот принц за децата вели дека се слободоумни, размислуваат без предрасуди, истражуваат, фантазираат, имаат развиена имагинација. Кога стануваа возрасни, тоа полека исчезнува. Сите некогаш биле деца, но само мал дел од нив го паметат тоа.

Алампиоска Андреевска, голем дел од слободното време го поминува со нејзината ќерка Јоана со која изработуваат креативни работи, со што, го негува детето во себе.

„Преку активностите кои ги правам со Јоана ја будам креативноста и кај неа, и кај себе. Учам да ги сакам сите несовршености, сите излегувања надвор од линијата, начинот на кој на неа и се допаѓаат работите. Учам да ги почитувам сите нејзини детски желби и размислувања, колку и на моменти да ми изгледаат нелогични.

Се прилагодувам и гледам со отворен ум и тие вредности се обидувам да и ги пренесам и на неа. И моето детство беше исполнето со многу книги, активности, измислени игри, трчање во двор, и не само што не сакам да заборавам дека сум била дете, туку детето во мене секогаш ќе биде тука некаде, да ме потсетува дека и понатаму треба да креирам, истражувам и уживам во сè она што го имам,“ вели Алампиоска Андреевска.

Она што е главната порака на „Малиот принц“, е тоа дека, само со срцето вистински се гледа, она што е суштинско, е невидливо за очите. Тоа Малиот принц го дознава преку неговата средба со лисицата, при што, еден со друг се припитомуваат и стануваат пријатели, иако станува збор за неприродно пријателство.

Ова значи дека, со секој може да се зближиме и да станеме пријател, само доколку имаме отворено срце и доколку сакаме да дадеме и да примаме љубов од другите.

Секогаш да ги гледаме работите колку што е можно без предрасуди, со отворен ум за да може да го извлечеме најдоброто од другиот.

„Среќата ја прават малите нешта. И токму малите нешта прават срцето да ни затрепери. Иако ние луѓето сме рационални суштества, треба барем од време на време да му дозволиме на срцето да ни биде патоказ и да ни помогне во донесување на вистинските одлуки.

Не секогаш треба да се потпреме на зборови, бројки и објаснувања. Најчесто она што ни го вели срцето, е она што е навистина важно.

Малиот Принц ме научи дека е во ред да ги слушам своите чувства и интуиција, дека не секогаш сите работи може да бидат во моја контрола, и дека е во ред работите да се случат непланирано и спонтано,“ додава нашата соговорничка, чија што љубов кон читањето ја добила од нејзината мајка која е одделенски наставник.

„Ме зачлени во градската библиотека во Тетово уште кога имав неполни 6 години и секојдневно читав книги. Имаше момент кога имав прочитано буквално сè што беше наменето за деца од моја возраст, а во четврто одделение без избрана и за најредовен читател-дете.

Љубовта кон читањето сега ја пренесувам на мојата ќерка, која иако има само 4 години, веќе има колекција од над 150 книги и сликовници. Читањето е и секогаш ќе биде дел од нашето секојдневие,“ завршува Алампиоска Андреевска.

А ние топло препорачуваме, да се препрочита „Малиот принц“!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Германија ја подржува евроинтеграцијата на Македонија, порача од Скопје германскиот шеф на дипломатијата Мас

Редакција

Кој е контроверзниот Красимир Каракачанов: „Човекот што сака Бугарија да се простира од Софија до Токио“

Редакција

„Ако имаш донеси, ако немаш понеси“: Хуманитарна акција на пилјара од Гевгелија

Редакција