еМагазин
Image default
МОЈ СТАВ ТОП СТОРИИ

Блокади низ Скопје: Ускратено е основното човеково право – слобода на движење

Граѓаните во Скопје, изминатиот период не можат да си го остварат, со Устав загарантираното основно право, СЛОБОДА НА ДВИЖЕЊЕ.

Блокади, протести, закрчени крстосници, раскопани патишта, сообраќајна некултура, општ хаос по улиците, имало и ќе има.

Но, периодов, градот го доживува својот врв во општата нефункционалност.

Имено, неможноста да се движите од точка А до точка Б, подразбира дека не можете да функционирате како нормален човек, кој има потреба да отиде до некое место, за да си заврши приватна или службена работа.

Колкумина граѓани, одложиле обврски кои требало да ги завршат. Само кога ќе им текне дека не можат да се движат ниту со автобус, ниту со автомобил, немаат велосипед, а за да стигнат до некаде е далеку да тргнат пешки, се откажуваат пред да помислат.

Колку само трговците ќе бидат во загуба, заради тоа што и пристапот до моловите е непристапен. Не дека на оваа беспарица, некому му е и премногу до купување, но човек и да сака да се прошета низ продавници, се откажува однапред.

Ќе си речеш, ајде пешки да појдам до институција за да завршам работа, бидејќи е неопходно и не може да се чека. Те дочекува дојава за бомба, па те враќаат назад. Ни токенот од Народна банка што ти е за работа, не можеш да си го подигнеш.

Живееш на една страна на градот, работата ти е на друга, како да стигнеш?

Отсекогаш во овој град, не само сега, движењето пешки и со велосипед била најдобрата (во какви-такви инфраструктурни услови) и најисплатлива опција.Тоа најповеќе се докажува и за време на вакви вонредни сообраќајни колапси.

Но, во овие денови кои Скопје ги доживува, ниту движењето пешки, ниту возењето велосипед е нормално – за нормална човекова психа. Посебно во време на сообраќајните шпицови.

Нервите истенчени, трпението во минус – автомобилите по улици и на крстосници свират, пиштат. Возачите врескаат, се караат, се тепаат.

Се блокираат меѓу себе, нити гледаат зелено, ниту црвено на семафор. Само да поминат, да се пикнат, да му се испречат на тој пред него, до него. Ќе се тепаат со полицајци!

Не дека сообраќајната култура ни била на ниво, но сега, како и нефункционалноста на „крвотокот на градот“ и таа ја доживува својата кулминација.

Треба да одиш на лекар, треба да се вратиш од таму. Треба да примаш терапија во болница, треба да се вратиш од таму. Си лежел во болнички кревет, конечно те пуштаат, не можеш да си стигнеш до дома.

И вакви примери од секојдневието, без крај.

„Опортунетен трошок“ нема само во економијата, има и во секојдневното живеење на еден граѓанин. Што губам заради нечии други одлуки, постапки, а за кои и голем дел од вината паѓа и врз наш грб!

Ич не се смешни, овие навидум секојдневни „баналности“, наспроти секојдневните локални и централни политики, игри од кои бел ден не видовме.

За нив, мака ми е на желудник, за да пишувам!

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судот му ги даде печатите на АА на Зијадин Села

Редакција

УЈП вработува 40 службеници

Редакција

Каракачанов до Иванов за неговиот став дека треба да се најде решение со Македонија: „Биди љубезен и молчи, ова што го кажа не е од бугарски интерес“

Редакција