Бојан Јовановски – Боки 13 денеска повторно ќе дава исказ во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција за случајот поврзан со Меѓународниот сојуз или познат како „Рекет 2“.
Во петокот тој даде исказ за истиот случај, а на распит во Обвинителството беше осум часа.
Станува збор за случајот кој се однесува на невладината Меѓународен сојуз на Боки 13, во кој освен тој осомничени се и неговиот татко Миле Јовановски, асистенката Христина Блажевска, заменик-претседателката на Сојузот, Јасна Мандиќ и пратеничката и потпретседателка на Собранието и почесната претседателка на Сојузот, Фросина Ременски.
За што се работи во случајот „Рекет 2„?
Овој дел на истрагата, која Обвинителството ја отвори на 9. октомври против овие пет лица, се однесува на измамите со изградба на центри за возрасни лица, за кои беа барани пари од бизнисмените Силјан Мицевски, Ардијан Амзоски и други.
Од Обвинителството соопштија дека врз основа на предистражната постапка обвинителот што раководи со постапката, дошол до сознанија што укажуваат дека во периодот од јули 2017 до април 2018 година, првоосомничениот Боки 13 како претседател на осомниченото правно лице, искористувајќи документи од правното лице, довел и одржувал во заблуда двајца управители на две друштва за градежништво.
„Тој лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото.
Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација“, информираа од Обвинителството.
Фото: Боки 13/Инстаграм