Грчката полиција уапси четири лица, странски државјани за поседување пасоши и патни исправи што им припаѓаат на трети лица и за фалсификување документи со цел да се користат за нелегална миграција, а меѓу пронајдените пасоши, според објавената фотографија од полицијата, два се македонски, јави дописничката на МИА од Атина.
Од грчката полиција соопштуваат дека биле откриени 33 пасоши од различни земји, 23 лични карти од различни земји, 17 возачки дозволи од различни земји, три дозволи за управување со јахти, како и дозволи за престој, пет мобилни телефони и 550 евра, а за 36 од пронајдените документи постоела пријава од сопствениците дека се украдени или изгубени.
Во соопштението не е споменато од кои земји се пронајдените пасоши, меѓутоа на фотографијата од конфискуваните документи, се гледа дека два од пасошите се македонски.
Уапсените биле откриени при контрола на полицијата на автомобил во атинска населба, а меѓу четворицата била и жена која преправајќи се дека е бремена, под облеката имала скриено ќеса со пасошите, личните карти и другите документи.
Од прелиминарната истрага на Одделот за управување со миграција било констатирано дека уапсените требало да ги достават конкретните документи за нелегална миграција преку аеродромите во земјата.
-Количината и широкиот спектар на патни исправи, како и големиот број на земји на потекло, ја покажуваат интензивната активност на уапсените во криминалната област на нелегалната миграција.
Од контролата на конфискуваните документи произлезе дека некои од нив имаат значителни измени, како што се оштетени страниците со податоците на сопствениците на пасошите, а во други документи, беа отстранети фотографиите, соопштуваат од грчката полиција.
МИА/Фото: Грчка полиција/Photo by Anastase Maragos on Unsplash