еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

Во Грција од денеска „Covid free“ простори

Внатрешните делови на кафулињата, рестораните, ноќните клубови, како и кината и театрите во Грција, од денеска почнуваат со работа, но само за вакцинирани гости или за лица кои прележале Ковид-19, а сертификатите ќе се проверуваат преку специјалната апликација „Covid free“, јави дописничката на МИА од Атина.

Одлуката на грчката Влада стапува денеска во сила, ќе важи до 31 август, а се однесува исклучиво на затворените делови и на конкретните објекти, во кои дозволено е само седење.

Внатрешните делови на местата за забава, ноќните клубови, рестораните, кината, театрите ќе работат со 85 отсто од капацитетот, а за надворешните простори постои можност сопствениците да одберат дали ќе бидат „Covid free“ или мешани, односно и за вакцинирани и за невакцинирани, додека пак стоењето ќе биде забрането и на отворено и на затворено.

Оваа година летото, ќе биде лето на седнати, знам дека ова за многу изгледа апсурдно и тешко, но вирусот и пандемијата не ни оставаат простор да си играме со ова прашање, истакна во вторникот министерот за развој и инвестиции на Грција, Адонис Георгиадис и објасни дека поголемиот дел од позитивните случаи на Ковид-19 од изминатиот период се од забави и танцувања во ноќните клубови и кафулињата.

Иако првично, пред две седмици беше најавено дека внатрешните делови ќе бидат по избор на сопствениците или „мешани“ или „чисти“, сепак Георгиадис објасни дека тогаш бројот на новозаразени беше околу 500, со надолен тренд, за разлика од сега кога бројот на нови случаи континуирано се зголемува, па затоа било одлучено, на затворено да биде дозволен влез само за вакцинирани.

Веќе се објавени и достапни и специјалните знаци што ќе покажуваат дека станува збор за „Covid free“ простори, а дополнително во приватниот и јавен сектор доколку персоналот е целосно вакциниран, постои дополнителен знак што може да биде поставен.

МИА/Фото: Photo by Artiom Vallat on Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 333 случаи на Ковид-19 од 2.259 тестирања

Редакција

Семејна драма во Волково: За да си ја заштити ќерката, брат ѝ ја прободел со нож во слепоочница

Редакција

„Политико“: Вархеји и ЕПП се премногу меки кон Софија за блокадата на Скопје

Редакција