Ширењето на корона вирусот во земјава станува неизбежно, а посебно откако се обелодени информацијата дека директорката на Клиниката за кожни болести не ги почитувала препораките на Министерството за здравство и продолжила да оди на работа иако пред една недела допатувала од Италија.
Сега прашање е со колку луѓе контактирала оваа жена во Клиниката и воопшто надвор од работното место и колку новозаразени ќе има само поради недостигот од свест дека во борбата против корона вирусот мораме сите заеднички да дејствуваме.
Уште поважно е прашањето каков е капацитетот на македонскиот здравствен систем да се справи со евентуална навалица од новозаболени лица и дали веќе не е време да се размислува за прекин на наставата во училиштата.
Сцените кои деновиве пристигнуваат од Италија покажуваат дека во оваа земја која е многу поразвиена и има подобро здравство од македонското, се изолираат цели региони, луѓето не одат на работа и запрена е наставата во образованите институции.
Главна цел на ваквите мерки е да се спречи наплив на новозаболени во краток период, бидејќи и тамошните болници се со ограничени капацитети.
Всушност, главниот проблем со корона вирусот не е смртноста, туку неговото брзо ширење и неможноста на системот да издржи голем наплив на новозаболени на кои ќе им биде потребна нега.
Случајот со директорката на Клиниката за кожни болести открива колку е кревок системот во справување со оваа нова болест и дека не смее да се дозволи целата битка да се води под претпоставка дека граѓаните се доволно совесни и свесни за опасноста од вирусот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Четврти случај на коронавирус: Заболена директорката на Клиниката за кожни болести
(ВИДЕО) Морничави сцени од Италија: Коронавирусот ги испразни улиците
(Фото) Хероина на денот: Сестра Маја се грижи за заболените од коронавирусот
(ВИДЕО) И Пјаченца во Италија, каде работат илјадници Македонци во карантин поради коронавирусот