Комисијата за заразни болести конечно се реши да ја разгледа епидемиолошката состојба во државата, меѓутоа, предложените мерки нема да имаат никаков противепидемиски ефект, вели за Плусинфо, епидемиологот д-р Драган Даниловски, кој вели дека препораката сите вработени во јавниот сектор да приложуваат потврда за најмалку една примена вакцина нема никаква епидемиолошка смисла.
– Веќе на сите им е одамна јасно: една доза е исто како и ниедна во однос на заштитата од заразување со коронавирусот. Очигледно е дека мотивот зад оваа препорака е да се поттикне вакцинацијата, но ваквата мерка нема никаков противепидемиски ефект.
Имајќи предвид дека и вакцинираните со две дози не се заштитени во голема мера од заразување, а кај нас се покажа дека таа заштита е околу 20 проценти, дури и ако би се барала потврда за примени две дози, повторно би се постигнал незначителен противепидемиски ефект.
Вакцинираните со две дози би се стекнале со чувство на лажна сигурност и би се впуштиле безгрижно во дружби. Притоа, ако би се заразиле, тие би претставувале подвижни извори на зараза, оти постои можност да бидат без или со сосема благи симптоми и тоа не би го намалило интензитетот на нивното дружење.
За разлика од вакцинираните со две дози, невакцинираните и непрележаните, ако би се заразиле, би имале потешки симптоми и сигурно би си останале дома. И не би претставувале значајни извори на зараза.
Настрана фактот што има лица кај кои воопшто не се развиваат антитела, особено оние кои примиле кинески вакцини, објаснува д-р Даниловски.
Тој вели и дека мерката за прележаните да приложат потврда за прележан Ковид-19 не постара од 45 дена е епидемиолошки неоправдана и бесмислена.
Од друга страна, тој смета дека е оправдана мерката за приложување негативен ПЦР тест за сите оние кои не се вакцинирани и кои не ја прележале болеста.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Фото: МЗ