еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Десетиот ден од првите симптоми на Ковид-19 е крстопат, подобрување кај тие што ќе оздрават, но и влошување кај тие што нема, вели проф. Трајковски

Професорот на Технички факултет во Битола, Дејан Трајковски кој секојдневно на неговиот Фејсбук-профил прави анализи на ковид-состојбата и бројот на заболени, хоспитализирани и починати вели дека во услови на опаѓачки дневни броеви на нови случаи, можеме (засега) да го игнорираме бројот на хоспитализирани.

„Големиот број на хоспитализирани (сината линија на првиот дијаграм) утрово предизвика бран од нервоза и паника низ медиумите.

Меѓутоа, по објавувањето на дневните бројки, ако добро размислиме, сфаќаме дека тоа всушност е добра вест, а сега ќе видиме и зошто.

На истиот дијаграм забележуваме дека бројот на активни случаи, како официјалниот така и реалниот (црвената и портокаловата линија) продолжија со намалување, што претставува потврда дека е достигнат врвот и на овие броеви.

Понатаму, денешниот број на новодијагностицирани е прилично низок, особено како за среда.

Ефективниот репродукционен број несопирливо се намалува, како под влијание на прележаноста, така и дополнително засилено од рестриктивните мерки (неговиот седумдневен просек изнесува Rt = 0,92 ± 0,32, што е прилично добро засега).

На вториот дијаграм гледаме дека десезонираниот број на новодијагностицирани (со отстрането влијание на променливиот број на тестирања во разни денови од неделата) исто така е во стабилен надолен тренд.

Конечно, ако го погледнеме дијаграмот на стапката на леталитет (на третиот дијаграм), како и на дневниот морталитет (бројот на починати, особено подвижната средина, на четвртиот дијарам) станува јасно дека всушност болниците се полнат поради намаленото умирање, односно пролонгираното лекување.

Значи, она јазиче нагоре на сината линија на првиот дијаграм го прават преживеаните, што е добра вест. Тоа се оние што НЕ ја намалија хоспитализираноста со умирање.

Се молиме за нив, нивното лекување да заврши со оздравување, но за жал за тоа нема гаранција.

Значи, досега намалувањето на бројот на хоспитализирани во голема мерка се должеше на многубројните смртни исходи, што е најлошиот начин на намалување. Би сакале врвот на смртните случаи да поминал, но огромниот број на хоспитализирани не тера да бидеме претпазлици во проценките.

Да заклучиме, во услови на опаѓачки дневни броеви на нови случаи, можеме (засега) да го игнорираме бројот на хоспитализирани.

Одиме понатаму, надолниот тренд на заразувањето е непореметен, останува да се надеваме дека пролонгираното време на лекување ќе донесе повеќе излекувани отколку починати. Впрочем, така кажуваат и светските статистики за подолготрајното лекување.

Едно потсетување за „тајмлајнот“ на ковид болните од британските болници, од раната фаза на епидемијата (што не мора да значи дека и денеска важи, но барем дава извесна ориентација во времето).

– 10-ти ден од првите симптоми – главен крстопат. Се забележува подобрување кај тие што ќе оздрават, но и влошување кај тие што нема.

– 14-ти ден – тешките случаи стигнуваат до респиратор.

– 18,5 дена – просечно време до смртниот исход.

– 23 дена – просечно време на оздравување во болница.

Значи, подолгото лекување, во просек, сепак е добар знак, поради што се надеваме и дека и сегашните многубројни хоспитализирани имаат добри изгледи.

Истиот проблем со големиот број на хоспитализирани го забележуваме и во Битола, но и тука важи истото објаснување – во Битола дневните бројки исто така се во надолен тренд, што значи дека застојот е предизвикан само од пролонгираното лекување,“ напиша вчера на Фејсбук, Трајковски.

Фото: Photo by Markus Winkler on Unsplash

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Од Ковид-19 починаа 12 лица, најмладите на 37 и 48-годишна возраст

Редакција

Нови 37 случаи на Ковид-19 од 3.108 тестирања

Редакција

Сезонава од грип починале 14 лица, најмногу од Скопје, 7

Редакција