Основното јавно обвинителство – Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 27-годишен жител на скопското село Синѓелиќ, поради постоење на основано сомнение дека ги сторил кривичните дела „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ и „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“.
„При извршен претрес на 21.12.2020 година, во 12.30 часот, во семејната куќа на осомничениот, во помошна просторија – гаража во вградени специјални бункери во бетонскиот носач, службените лица пронашле наркотична дрога – хероин спакувана и обвиткана во различни пакувања во вкупна грамажа од 4.070,4 грама и наркотична дрога – кокаин спакувана во различни пакувања со вкупна тежина од 864,98 грама“, се наведува во соопштенито на Јавното обвинителство.
Од таму информираат дека осомничениот заедно со дрогата која ја држел неовластено заради продажба, криел и една дигитална вага.
„Во бункерот било пронајдено и оружје и муниција од поголемо количество и тоа вкупно 235 куршуми во различен калибар и тоа 150 куршуми калибар 9 милиметри Luger спакувани во различни кутии, 44 куршуми калибар 357 и 19 куршуми калибар 9 милиметри, како и еден пиштол марка HS со една рамка со 16 куршуми калибар 9 милиметри, еден револвер марка МАГНУМ 357, како и 7357 М 83/94 ZASTAVA со шест куршуми калибар 357 MAGNUM“, се додава во соопштението.
Според Обвинителството, бидејќи постојат околности што укажуваат на опасност од бегство, како и особени околности кои го оправдуваат стравот дека осомничениот ќе го повтори кривичното дело, јавниот обвинител од ОЈО Скопје до скопскиот Основен кривичен суд достави предлог за определување на мерката притвор за осомниченото лице.
„Судот го прифати предлогот, па со Решение на осомничениот му определи притвор во траење од 30 дена“, наведува Јавното обвинителство.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Видео) Голема акција на МВР: Запленети четири и пол килограми хероин и килограм кокаин во Сингилиќ