еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Добивката на Макпетрол зголемена за повеќе од два пати во првите шест месеци

Во текот на првата половина од 2022 година, Макпетрол АД Скопје работеше во услови на економска криза, која се чувствуваше, како на локално, така и на глобално ниво, информираат од компанијата преку Македонската берза.

“Економската криза започна со пандемијата на вирусот Ковид-19, а беше продлабочена како резултат на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, кој доведе и до зголемување на цените на енергенсите на светските берзи.

Воениот конфликт, односно зголемувањето на цените, ја продлабочи енергетската криза, која кулминираше дури со скоро двојно зголемување на цените на дериватите споредено со минатата година.

Наглото олабавување на рестриктивните ковид мерки започнувајќи од март 2022 година и зголемувањето на економската активност заедно со нарушувањата во синџирите за снабдување резултираа со растечки стапки на инфлација. Истите беа дополнително зголемени како резултат на енергетската криза и до крајот на вториот квартал од 2022 година, достигнаа двоцифрен износ во најголем дел од светот.

Глобалните движења и трендови неминовно влијаеја и се пресликаа и во РС Македонија, што беше и очекувано со оглед на увозната зависност на земјата. Воениот конфликт, енергетската криза и растечката инфлација, неминовно влијаеа и врз работењето на „Макпетрол“ АД.

Но, како резултат на посветеноста и ангажираноста на раководството, во текот на кризните месеци Друштвото обезбеди непрекинато снабдување со нафтени деривати и природен гас, иако во одредени моменти поради нагло растење на цените на нафтените деривати, Друштвото работеше и со загуба.

И покрај сите предизвици, во текот на првата половина на 2022 година, „Макпетрол“ АД оствари позитивни резултати, односно солиден раст на приходите и добивката“, велат од компанијата

Во текот на 2022 година, „Макпетрол“ АД Скопје оствари вкупен приход во износ од 16,33 милијарди денари, кој е поголем од минатогодишниот за 7,43 милијарди денари, односно остварен е раст од 83,54%.

„На квартално ниво, вкупните приходи во 2022 година бележат раст и ги надминуваат и пред-пандемските нивоа, во најголем дел поради зголемувањето на цените на нафтените деривати.

Во структурата на приходите, најголем удел со 98,60% имаат приходите од продажба, од кои 93,41% се остварени преку продажба на домашен пазар, а само 5,19% се остварени преку продажба на странски пазар.

Порастот на приходите, споредбено со минатата година, во најголем дел се должи на зголемените приходи на мало за 58,47%, а истите учествуваат со 76,60% во приходите од продажба.

Трендот на пораст на приходите на мало во годината, се должи на: зголемување на прометот со нафтени деривати на мало за 8,20% и зголемување на прометот на останатиот малопродажен асортиман (ДАС) за 40%.

Приходите на големо бележат раст од 277,43%, што во најголем дел е резултат на растот на продажбата на природен гас од 11%, како и продажбата на млазно гориво за 140,07%. Продажбата, односно извозот на млазно гориво значајно се зголеми во текот на 2022 година, како резултат на олабавувањето на ковид-рестрикциите за патувања“, велат од компанијата.

Вкупните расходи остварени во 2022 година се во висина од 15,74 милијарди денари, што претставува зголемување во однос на минатата година за 7,07 милијарди денари или за 81,52%.

„Порастот во најголем дел се должи на зголемените расходи за набавна вредност на трговски стоки од 90,15%, поради драстичното зголемување на цените на светските берзи како резултат на енергетската криза. Набавната вредност го следи трендот на приходите од продажба, што е неминовно со оглед дека истата во апсолутен износ е дел од приходите од продажба, односно зафаќа околу 89% од истите.

Расходите за набавна вредност на трговски стоки, односно набавните цени, се расходи врз кои Друштвото има лимитирано влијание. Истото се должи на регулирањето на најголем дел од набавните цени на нафтените деривати.

Доколку набавната цена на одреден дериват не е регулирана, истата зависи од комплетно екстерни глобални фактори и движења, како што се цените на нафтените деривати на светските берзи и курсот на денарот во однос на доларот

Како резултат на остварените приходи и расходи, на крајот на периодот, Друштвото оствари позитивни финансиски резултати искажани преку добивка пред оданочување во износ од 585 милиони денари, која е поголема за повеќе од двапати од остварената добивка за шесте месеци минатата година кога изнесуваше 223 милиони денари.

Врз база на остварените резултати, можеме да заклучиме дека Друштвото остварува континуиран успех и се задржува на лидерската позиција децении наназад, а истото е резултат на посветеноста на вработените, кои се основната сила на „Макпетрол“.

Друштвото постојано инвестира во развојот на своите вработени, а со цел полесно справување со економската криза, со одлука на Управниот одбор, Друштвото во јули 2022 година исплати регрес за годишен одмор во нето висина од 33.000 денари, што е повисоко и од просечната исплатена нето плата во државата.

Дополнително во јуни 2022 година, Друштвото распредели вкупно 105,4 милиони денари од годишната добивка, со што секој од вработените доби паричен износ во просек од 70% од нивната плата.

Особено е важно да се истакне дека, со континуираното придржување до строгите превентивни здравствени протоколи, на сите локации на коишто Друштвото ги врши дејностите, во ниту еден момент не се загрози здравјето на вработените и здравјето на потрошувачите, а со самото тоа се овозможи непречено функционирање на Друштвото“, велат од компанијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Реновирана и модернизирана бензинската станица на „Макпетрол“ во Дебар

Јосифовски за Bloomberg Adria: Обновливите извори на енергија се стратешки приоритет на „Макпетрол“

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Проф. Трајковски: Руската рубља е повеќе погодена од украинската хривња – граѓаните ја плаќаат цената преку обезвреднување на своите заштеди и плати

Редакција

Дебар и Скопје во 4 фаза: Какви се проценките за ширење на коронавирусот во Македонија

Редакција

Јавна опомена од Македонската берза за Вабтек МЗТ и ГТЦ

Редакција