Оваа година на 21 мај, од 13:00 часот во Центарот за иновации и дизајн „Јавна соба“, по вторпат ќе се одржи Саемот за размена на креативни искуства и размисли насловен како: „Добро утро креативци“
Настанот е во организација на „Скала Магазин“ – прва дигитална платформа за дизајн и современа уметност, отворена за промоција на домашните млади креативци, нивно поврзување со индустријата и поддржување на културните настани и сцена, а со поддршка на Young Cities и Democracy Lab.
„Целта на овој Саем е на едно место да се соберат и претстават актуелните случувања во креативните индустрии, уметноста, дизајнот, културата и образованието. Програмата оваа година е со проширен формат и вклучува саемски изложбен и продажен простор на 13 учесници – дизајнери на рачни изработки (книги, накит, графики, мурали, облека, модни додатоци, светлосни елементи итн.), 7 музички перформанси, панел дискусија за NFT и галериска изложба на 13 млади и возрасни, докажани врвни македонски уметници. Тоа се вкупно 35 учесници и мноогу публика“, велат организаторите.
Саемско претставување од 13 до 19 часот ќе имаат: Ана Јовановска, Академија за моден дизајн од „Џолев и уметностите“, Данче Станковиќ, Елена Ристовска, Еснаф, Јулија Барбун, Мирјана Јосифоска, Сказнувалка, Книговез, ХОПС, Хеклана, 5 до 12 и Reд.
Галериската групна изложба ќе биде отворена во 20:00 часот на којашто ќе се најдат сликарски дела, графики, илустрации, фотографии и скулптури од 13 автори: Ана Трајковска, Андреј Митевски, Андреј Павлов, Давор Кешќец, Дамјан Ристевски, Дејан Џолев, Душан Стефановски, Жарко Башески, Јовица Мијалковиќ, Мирослав Масин, Сергеј Андреевски, Симон Шемов и Стефан Младеновски.
Панел-дискусијата ќе се одржи во 18:00 часот на тема: NFT – механизам за продажба на уметност или медиум? каде што збор ќе имаат Иван Ивановски и Андреј Димов, а за музичкиот дел од 13:00 до 01:00 по полноќ ќе бидат задолжени: Мирко Попов, Марко Вилиќ, Luka Kekic, Baltiq, Георги Трајков и Lepi Хhoni + Shema Crew.