Министерката за финансии, Нина Ангеловска денеска ја презентираше алатката за зголемување на транспарентноста на јавните финансии односно платформата преку која граѓаните во секое време ќе може да го следат јавниот долг.
Граѓаните ќе имаат увид во тоа, колку изнесува јавниот долг како процент од домашниот бруто-производ и како износ, на што се должи зголемувањето на долгот, потоа движење на долгот низ годините, кои се капиталните проекти за кои имало најголемо задолжување, итн.
На платформата освен долгот на централната влада, општините вклучен е и долгот на јавни претпријатија и трговски друштва во доминантна сопственост на државата или општините.
Податоците покажуваат дека јавниот долг на крајот на 2019 година изнесува 48,9 проценти од БДП, односно 5.540,9 милиони евра. Проекциите за годинава се тој да биде 50,4 проценти од БДП, односно шест милијарди евра што е во согласност со предвидувањата во Фискалната стратегија 2020-2022 година.
Според Ангеловска, министерството не планира задолжување со еврообврзница до избори, но го следат движењата на странскиот пазар и доколку има можност „би се задолжиле најповолно, за да се раздолжат“ бидејќи треба да се вратат 440 милиони евра по основ на стари долгови.
„Последните три години јавниот долг е стабилизиран, за разлика од периодот од 2006 до 2016 година кога е дуплиран. Не можете да очекувате од држава во развој да го намали јавниот долг. Прашањето е за што се задолжувате, дали тоа го правите за инфраструктура, патишта, капитални инвестиции или споменици. Дали од еден вложен денар ви се враќаат четири,“ вели Ангеловска.
Министерката оцени дека оваа платформа е чекор напред во борбата против лажните вести кои се однесуваат на задолжувањата, а за што не се пишува за реалната слика, односно колку од тие пари се трошат за враќање на стари долгови и колку е реалното нето-задолжување.
Платформата за отворени јавни финансии, Министерство за финансии ја изработи со УСАИД и Меѓународниот републикански институт (ИРИ). Податоците ќе се обновуваат секој месец или на секои три месеци.