Повеќе од 30.000 евра донации за неодамнешните поројни дождови и невремиња беа собрани во акцијата на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици, информираат од таму.
Голем дел од членството, но и други деловни субјекти и индивидуалци, донираа пари и ја покажаа својата хуманост кон граѓаните кои изгубија домови и кон Словенија која ја доживеа најголемата природна катастрофа во својата понова историја и се соочува со сериозно оштетена инфраструктура и домаќинства.
Парите веќе се исплатени кон неколку хуманитарни организации во Словенија кои се справуваат со последиците од поплавите.
„Како Друштво го покажавме нашето заедништво и хуманост при давањето поддршка кон нашите пријатели од Словенија. Ние сме хумана нација и секогаш излегуваме во пресрет. Секако, поддршката ќе продолжи и понатаму низ разни други форми“, објаснува Војдан Јорданов, претседател на Друштвото на словенечки и македонски стопанственици.
Тој е задоволен од одзивот и хуманитарноста на деловната заедница во Македонија која се вклучи во оваа акција.
„Воедно им изразуваме благодарност на сите хумани компании, организации и граѓани кои се вклучија во акцијата, како и на Словенечката амбасада за поддршката“, додава Јорданов.
Во минатото нашите две земји меѓусебно се помагале и поддржувале. Сите се сеќаваме на неодамнешните пожари кои беснееа кај нас, а во чие гаснење се вклучија бројни доброволци од Словенија. Нашето пријателство ќе се развива и понатаму, а со надеж тоа што помалку да биде во пресрет на вакви немили настани, велат од таму.