еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Дури 81,6% од анкетирани 103 новинарки, се соочиле со онлајн вознемирување поради својата работа

Дури 81,6 проценти од анкетирани 103 новинарки се соочиле со онлајн вознемирување поради својата работа, покажува Анализа на онлајн вознемирување врз новинарките во Македонија изработена од ПИНА во соработка со ОБСЕ.

Истражувањето покажува дека од нив 89,9 вознемирувањето го доживеале преку Фејсбук, помал број 24,7 преку Твитер.

Начините на кои било демонстрирано вознемирувањето се различни, но најдоминантни се коментарите под новинарскиот производ текст, видео кој бил споделен на социјалните мрежи (63,7%), споменување на име и презиме на новинарката на социјалните мрежи во негативна конотација, поради нејзината новинарска работа (50,5%) како и закани, навреди, вознемирувања во лични пораки преку социјалните мрежи (47,3%).

Притоа, самиот претпоставен родов идентитет на новинарката претставува основа за деградирање на нејзината стручност.

Според содржината на онлајн вознемирувањата, најчесто станувало збор за говор на омраза во 69% од случаите, а во нешто помалку случаи бил демонстриран сексизам (51,7%), шовинизам (43,7%), 24,1% од новинарките добиле закани за физичко насилство, а 19,5% закани по живот.

Загрижувачки е податокот што на прашањето, дали онлајн вознемирувањето со кое се соочиле сметаат дека е организирано од некого или од страна на индивидуалци, дури 36% сметаат дека е организирано.

Доминантно чувство кај новинарките поради онлајн вознемирувањето било чувството на непријатност кај речиси половина (46,6%), а кај 35,9% предизвикало вознемиреност. Со исклучок на 6 новинарки, ниту една од останатите 95,1% не побарале никаков вид на психолошка поддршка и помош.

И покрај тоа што најголем дел од (86,4%) од новинарките одговориле дека знаат во која институција треба да се обратат за да го пријават онлјан вознемирувањето, меѓутоа само 25,2% го пријавиле во надлежна институција.

Во најголем дел од изјавите на новинарките, непријавувањето на случаите на вознемирување најчесто е резултат на високиот степен на недоверба во институциите, независно дали станува за полиција, обвинителство или судство.

Какви се искуствата на новинарките со вознемирувањето?

Според дел од искуствата на новинарките кои се споделени во истражувањето, мотивот за вознемирување најчесто бил поради објава на новинарски текстови насочени кон други центри на моќ (56,6%) во 43,4 % од случаите поради објава на сопствени новинарски текстови за општествени случувања кои биле критички кон властите, во 36,1 процент за општествени случувања кои биле критички кон некоја партија.

Дополнителни закани за работа имам добиено на тема поврзана со животна средина, од близок соработник на политичар добив закани по телефон, тој ми кажа дека тоа нема да биде добро за мене и за моето семејство, односно „да не си го пикам носот каде што не треба“. Сепак ја направив темата, без разлика на притисоците и немаше никакви последици после тоа (главна уредничка на онлајн портал).

Друго сведоштво вели дека и семејството било вмешано од страна на заканувачот.

Најстрашно беше кога почнаа да чепкаат и по децата. Добивав сексистички навреди и кон моите деца (водителка/презентерка на вести на ТВ).

Недовербата кон иституциите од страна на новинарките е голема.

Четири години од првата онлајн закана добив одлука дека кривична пријава се отфрла оти заканите не биле доволно експлицитни, а тоа што човекот поседувал оружје не морало ништо да значи (Катарина Синадиновска).

Што понатаму?

Имајќи предвид дека онлајн вознемирувањето на новинарките е проблем кој што е многу поголем од што се чини, следни препораки се зајакнување на капацитетите на сите релевантни институции, особено МВР и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензија, ОЈО и судството, преку обуки за препознавање, квалификување и постапување во случаи на родово базирано насилство во дигиталниот простор.

Друга од препораките е промоција и примена на родово сензитивен пристап од страна на релевантните институции во случаи на онлајн насилство врз новинарки, со оглед на тоа што најчесто станува збор за дејство кое се класифицира како родово базирано насилство.

Итно донесување на измените на Кривичниот закон, особено во однос на криминализирање на насилството во дигиталниот простор и соодветно санкционирање на сторителите на овој вид на насилство.

Кристина Озимец од ПИНА, која е уредничка на ова издание, за еМагазин вели дека податоците од оваа наша анализа треба да го вклучат алармот кај институциите како и кај граѓанскиот сектор за сериозноста на проблемот со кој се соочуваат новинарките во нашата земја, кога се работи за онлајн вознемирувањето.

„Фактот дека над 81% од анкетираните новинарки се соочиле со онлајн вознемирување поради нивната работа, укажува дека се работи за еден лош тренд кој влијае како на новинарството, така и на слободата на говорот и слободата на медиумите во земјата.

Податоците покажуваат и други загрижувачки последици од ваквиот тренд, кои говорат за последиците кои ги носи вознемирувањето, но и недовербата за пријавување на случаите што покажува дека оваа борба е се уште на самиот почеток,“ вели Озимец.

Едно од решенијата кои се препорачуваат е назначување на еден или повеќе јавни обвинители кои ќе бидат специјализирани за областа, односно ќе постапуваат по предмети за напади на новинари и медиумски работници, што ќе вклучи и постапување по предмети на насилство врз новинарките.

Фото: ПИНА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Подзаборавени обичаи: Како некогаш се славел Велигден во Македонија?

Редакција

dm дрогерие маркт со силна порака по повод Денот на жената 8 Март: Секогаш тука една за друга, тоа нѐ прави посилни

Редакција

(Видео) Русија тврди дека го гранитирала трговскиот во Киев, оти Украинците таму криеле оружје

Редакција