еМагазин
Image default
CHECK IN ТОП СТОРИИ

(Галерија) Додека не платите данок во странство, Македонија не може да ја засакате, вели Пеце од вила „Дихово“ во која гостите плаќаат колку сакаат

Пеце Цветковски, кој 14 години развива алтернативен туризам во Дихово, во неговата светски позната Вила „Дихово“, е жив пример како со верба, работа и ентузијазам на светот можете да му ја продадете приказната за Македонија, за нејзината природа, сонце, чист воздух, вкусна храна.

Имал фудбалска кариера во странство, но се вратил во Македонија, бидејќи животот овде му е убав.

„Дури не треба да платите данок во странство, Македонија не може да ја засакате. Од 200 години печалбарство еден не се најде да напише убава песна за туѓина. Јас бев во Данска, плаќав 69 отсто данок.

Бев фудбалер, не бев женет, немав кредити… И најтоплиот ден беше 21 степен. Живеевме за во петок и сабота да излеземе и да пиеме, за да се испијаниме. А што е животот, животот е секојдневието. На Малдиви ќе отидеме седум дена, а што правиме со другите 360 дена,“ вели Цветковски за „еМагазин“ објаснувајќи зошто се вратил овде.

Тој додава дека младите не се враќаат во државата, бидејќи се врзуваат со кредити во странство кои треба да ги отплаќаат 30 години и се залажуваат дека за две години се средиле, односно купиле стан или кола.

„По Романија, Македонија е втора држава во Европа по приватна сопственост, 85 отсто од фамилиите имаат сопствена куќа. Тука не тече ни мед ни млеко, но ако секој вложи 12 часа на ден во она што е најдобар, мислам дека ќе даде резултати.

Дружејќи се со Данците, научив дека европски просек е да се сменат шест до осум струки. Но кај нас, ако некој работи правник, тука останува. Најголемиот страв на луѓето е од незнаење и неуспех, кога не знаете нешто се повлекувате,“ вели Цветковски.

Гости од цел свет

Воопшто не е мала работа, да бидете атрактивна дестинација за гости од Екватор, Панама, Аргентина, Мексико, Јужна Кореја, Јапонија, Тасманија, кои во Дихово ги носел туристички оператор од Сиднеј. Вила „Дихово“, 14 години се одржува на букинг со оценка 9,2. „Лонли планет“ ја сврсти на седмо место, од 50 неоткриени дестинации во Европа.

„Доаѓаат гости и резервираат за еден ден, од нас зависи дали ќе ги задржиме пет дена. Ако детето е задоволно, родителите ќе останат по пет-шест дена. Сме имале случаи кога од Лондон доаѓале директно овде и останувале 10 дена. Во овој период, се откажа тим билдинг камп од Барселона и Лондон. Доаѓаат фирми од Барселона да прават тим билдинг тука.

Се обидуваме да ги задржиме со тоа што нудиме посета на пчеларник, пешачење на Пелистер, одење на тура со џип на Пелистер, одење на кањони во Мариово, часови за готвење, посета на Преспа, Охрид, организираме хокеј на трева за тим билдинг на фирми, дегустација на вино под земја, чување на овца, кај овчарите да ја пазите цел ден,“ објаснува Цветковски.

Посебно искуство е дегустацијата во винаријата во која се чуваат природни вина од сортата „пино ноар“, без во нив да има сулфати, конзерванси, стабилизатори.

„Винаријата е влажна, темна и има константна температура. Вината некои се од 2008 година, но некои од нив имаат мирис на земја, бидејќи немаат никаква заштита. Но, тренд во светот е луѓето да имаат нови вкусови,“ вели Цветковски, кој лозовите насади ги одгледува на 1.000 метри надморска височина и произведува околу 2.000 флаши годишно.

Вила Дихово 14 години работи без ценовник

Капацитетот на сместување  во неговата вила е 19 гости, а кога се има зголемена потреба се активираат и другите вили во село. Пеце си остана доследен на неговиот концепт, во вилата да нема ценовник за храна и спиење. Секој плаќа онолку колку што е задоволен од услугите. И откри изненадувачки факт, домашните гости се поџентлмени од странците и оставаат повеќе пари.

„Сите што беа со негативни размислувања за овој концепт на работа, изгубија. Сфатив дека сиромав човек може да излаже богат само еднаш, а туристот е богат, патува низ светот. Не се обидувајте да го манипулирате и да го лажете. На крајот на краиштата никој не може да ви земе колку што Господ може да ви даде.

Јас нема да бидам богат за неколку евра плус минус, но што е тренд сега. Сите пишуваат ревјуа. Значи не треба гостинот да дојде пак, сите сакаат да видат нови места, но што ќе напише за наредните е многу важно. На букинг сме успеале да бидеме над 9,2 веќе 14 години.

Зошто одите во ресторан, за некој да ве испочитува за парите ваши. Не му правам математика како ги заработил, штом дошол овде, мое е да го испочитувам. Позитивната реклама е еден спрема седум, негативната еден спрема 21,“ вели Цветсковски.

Тој додадава дека најтешко е квалитетот да се одржи.

„Пари може да спечалите, тешко да ги задржите, жена може да освоите, тешко да ја задржите и кариера може да одите на врвот но тешко да се одржите. Во суштина, одржувањето е најтешко.

Нашиот хендикеп е што немавме пет богати генерации пред нас и да направат некои стандарди и норми. Го чекам денот кога барем над 50 отсто, од успешните приватници со бела коса реализирани, ќе влезат во политиката и да направат промени. Тие се тие што сакаат полицијата да работи, судството, училиштата, болниците. Ни треба таква класа,“ вели Цветковски

Постојани инвестиции

Цветковски објаснува дека инвестицијата во Вила „Дихово“ е огромна, бидејќи 14 години континуирано се инвестира. Тој не прави некои бизнис-математики, бидејќи со семејството живее овде.

„Не размислуваме за профит, бидејќи сакаме да направиме купатила, да инвестираме, трендот да го следиме. Ние живееме тука, растеме и секогаш стомакот ни работи кога треба да пречекаме гостин.

Странците сега прават резервација за 2022 година, знаат дека тука ќе вечераат, утре ќе одат на планина. За разлика од нас ние стануваме наутро, излегуваме, не знаеме кога ќе се вратиме дома, колку пари ќе потрошиме и со кого ќе се сретнеме. Ние така сакаме да живееме,“ додава Цветковски.

Хоби му е, околината да ја чисти од ѓубре, и забележува дека никој од нас не сака еден чекор да направи за општо добро, а да не е од личен интерес, а сите нешто бараме од државата.

Со многу луѓе разговара за идеи, но бара одговори на две работи, колку пари чини и кој ќе го плати тоа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Најмалку тројца загинати во судир на автобус од Србија и две возила во близина на границата со Македонија

Редакција

И премиерот Оливер Спасовски, по втор пат, ќе оди во самоизолација

Редакција

Рама: ЕУ го изневери Заев, знаете ли што значи да се смени името на земјата

Редакција