еМагазин
Image default
Бизнис

Два угостителски објекти од Гостивар затворени поради непочитување на протоколот за Ковид-19

Во периодот од 23 до 29 ноември годинава седумте инспекциски служби извршиле 4.080 контроли. Во овој период, Државниот пазарен инспекторат изврши 2.635 контроли и 462 надзори поврзани со материјалните закони и здравствените протоколи за работа на угостителските објекти.

Притоа поднесени се 18 прекршочни пријави, 31 прекршочен платен налог и 54 решенија.

Од овие 54 решенија, две решенија се донесени согласно Законот за заштита на населението од заразни болести и се однесуваат на два угостителски објекти од Гостивар, кои не го почитувале протоколот во делот на ограничен број на гости на маса поради што изречена им е забрана за работа и соодветна глоба за правното лице и за одговорното лице во правното лице.

Ова беше соопштено на денешната прес-конференција на Инспекцискиот совет.

Во истиот овој период, Државниот санитарен и здравствен инспекторат извршил 80 надзори, а издадени се 12.218 решенија за изолација и домашно лекување на лица позитивни на Ковид -19 и лица кои биле во контакт со заболени, а дополнително издадени се и девет решенија за констатирани неправилности.

Од Инспецикциот совет информираат дека Државниот инспекторат за транспорт во изминатите седум дена извршил 43 надзори, при што изречени се осум прекршочни пријави, седум решенија и еден платен налог за прекршување на материјалните закони.

Од извршените надзори по основ на Законот за заштита на населението од заразни болести не се констатирани прекршувања на Законот и на протоколите за превоз на патници.

Агенцијата за лекови и медицински помагала во истиот период извршила 28 надзори во аптеки по основ на почитување на мерките и издавањето на антибиотици, при што изречено е едно решение согласно Законот за лекови и медицински средства.

Државниот инспекторат за труд, пак, спровел 501 надзор во правни субјекти на територијата на целата држава со фокус на почитување на протоколите во насока на заштита на здравјето на работниците. При овие надзори од страна на трудовите инспектори изречени се 26 решенија, согласно материјалните закони, а дополнително изречени се и шест платни налози заради неносење на заштитна маска за лица во работниот простор во Ресен и во Битола.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во периодот од 23 до 29 ноември спровела 331 надзор. Притоа издадени се пет решенија, еден платен налог и извршени се 22 едукации поради констатирани неправилности кои се однесуваат на неизвршени здравствени прегледи, неспроведување на општи хигиенски мерки, неправилно складирање и чување на производи и неправилно означување на производите.

Инспекторатот за животна средина и природа во истиот период извршил 53 инспекциски надзори, од кои 10 надзори во правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи, 38 во правни субјекти кои поседуваат елаборати за животна средина и четири инспекциски надзори на нестандардни комунални депонии.

Притоа издадени се 16 решенија со корективни мерки за правни субјекти кои поседуваат А-интегрирани еколошки дозволи и за правни субјекти кои поседуваат елаборати за заштита на животната средина.

Во текот на викендот овој Инспекторат во Тетово, Куманово и во Кавадарци, во коишто градови беше надминат прагот на алармирање за загадување на воздухот, извршил 17 вонредни надзори.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

„Современ дом“ ја зголеми добивката

Редакција

Бектеши: Не се вистинити наодите на Косово, подготвени сме за разговор со факти

Редакција

Општина Валандово вработува шест лица, плата до 24.426 денари

Редакција