еМагазин
Image default
БЕСПАРИЦА ТОП СТОРИИ

Ќе има ли кратење на платите во јавниот сектор: Што предвидуваат владините мерки за штедење?

Работниците и синдикатите да бидат мирни, никој ниту ги намалува платите на вработените, ниту нивните права, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски, коментирајќи ги реакциите од синдикатите по Планот за фискална консолидација што го усвои Владата за намалување на трошоците во буџетските институции.

– Целта не е да се кратат платите на работниците, туку тоа е план за фискална одржливост којшто содржи низа мерки во насока на консолидација на трошоците и подобрување на квалитетот на услугите коишто го добиваат граѓаните.

Планот е документ којшто содржи мерки и препораки за рационализација на расходите и подобрување на приходите во прилог за одржување на макроекономската стабилност, која што е многу важна во услови на ваква криза и како дел од борбата на Владата против ефектите од енергетската и ценовната криза, рече Ковачевски, во одговор на новинарско прашање.

Тој соопшти дека е донесена одлука да бидат ревидирани менаџерските договори во голем број институции под ингеренции на Владата, а Комисијата за економски систем е задолжена да ја дефинира новата форма.

Ковачевски прецизираше дека консолидацијата на расходите во државните институции, вклучително и на јавните претпријатија и трговските друштва преку консолидација на трошоците за плати не значи намалување на платите.

– Тоа значи рационализација и оптимизација на вработените коишто секој ден се на работа во јавниот сектор врз основа на функционална анализа, бидејќи секој раководител, секој директор во секоја институција треба да поседува знаење за да може да управува со ресурсите коишто му се доделени.

Тие мора да воспостават системи во зависност од природата на работат и да воспостават работа од дома. Да воспостават 30 проценти на пример од вработените да бидат на таква ротација.

Треба да воведат ротирање на вработените и притоа кога ќе го направат тоа, ќе се намалат трошоците за електрична енергија, за греење, оперативни трошоци. Со тоа се намалуваат трошоците поврзани со вработените, рече Ковачевски.

Тој посочи дека треба да се делува и во усогласување на платите затоа што постојат, како што рече, институции каде директорите и членовите на управните одбори добиваат несразмерно повисоки плати споредено со обврските што ги имаат на пример претседателот на државата или министрите.

– Раководителите на институциите, на јавните претпријатија, на трговските друштва во државна сопственост, да го прават тоа што го прави и приватниот систем, да воведат менаџмент систем со ротација на вработени, да се намалат или да имаат поголема контрола во делот на исплатата на прекувремени саати, кои може да се менаџираат и со годишни одмори кога и како ги добиваат вработените.

Постојат повеќе алатки, инструменти и практики коишто менаџерите во овие институции можат да ги користат, но тоа не значи дека некој ќе дојде кај некого и да го намали договорот за работа и да добиваат помала плата.

Целта е сите да добиваат поголема плата, но да се зголеми ефикасноста, како во делот на договорни услуги, дали на пример, вие имате редовно вработени и имате вработени под договор, посочи Ковачевски, истакнувајќи дека намалувањето на трошоците за плати не значи и намалување на платите на вработените.

Како што нагласи премиерот, Планот на Владата е за намалување на трошоците секаде каде што е можно и за зголемување на приходите, бидејќи секогаш има и приходна страна, дали институциите ефикасно ги наплаќаат своите приходи, дали ги реализираат ефикасно и брзо фактурите.

Тој најави дека ќе побара на седница на Владата информација колку камати се плаќаат за задоцнети фактури. Се тоа се работи, вели Ковачевски, што мора на дневно ниво да ги прави еден раководител, а ако не може да го прави тоа тогаш тој не е за раководител.

Прашан дали би предложил намалување или донирање на неговата или платата на министрите, Ковачевски рече дека тоа се приватни работи на секој министер, додавајќи дека тој имал такви активности во животот, но никогаш не ги правел тоа со реклама.

– Платата може да се донира, секој може солидарно да донира и да прави активности со кои може да помогне, рече Ковачевски, потенцирајќи дека тој лично не верува во луѓе кои „работат без плата“.

УПОЗ: Нема да бидеме одговорни за бесот и последиците од најавеното кратење на платите

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) реагира на најавеното кратење на платите на вработените во администрацијата и вели дека „со кратење на плати од вработените, ќе се покрива неспособноста на Владата“.

Нагласува дека нема да бидат одговорни за бесот и последиците што ќе настанат од тоа.

-Вицепремиерот Битиќи, денес ни порача дека кратењето на плати не треба да го сфатиме лично. А, како да го сфатиме? Неофицијалните информации говорат дека сите вработени кои ќе се упатат да работата од дома, ќе добијат помала плата од 10 до 30 отсто. Тоа значи дека како награда за работа од дома, која ќе значи повисоки сметки за струја, греење, храна, итн. ќе добијат пониски плати, а во некои случаи дури и пониска плата од минималната плата, велат од УПОЗ.

Со еден потег, додаваат, Владата ги укина синдикатите и колективното договарање, и ги прекрши Уставот, законите и конвенциите на Меѓународната организација на трудот (МОТ), кои ги има потпишано државата.

-Ќе дочекаме за првпат во историјата на нашата држава, еден министер да добие поголеми ингеренции од премиерот и во најголемата финансиска криза да одлучува кој смее, а кој не смее да добие плата. Со ваквите постапки, Владата единствено успеа да го навлече бесот на вработените и да ги обедини Синдикатите, а за последиците и бесот кој ќе произлезе од овие мерки, ние нема да бидеме одговорни, порачуваат од Синдикатот на УПОЗ.

Битиќи: Препораките за штедење се совети и не се насочени кон УПОЗ или кон некој лично

Владините мерки и препораки за намалување на расходите на буџетските корисници не се насочени кон УПОЗ, ниту се однесуваат кон некого лично. Во нив се дадени совети што треба да направат институциите од централната и локалната власт, јавните претпријатија и акционерските друштва, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Одговорајќи на новинарско прашање за документот што го објавија синоќа претставници на УПОЗ во телевизиско гостување, Битиќи нагласи дека сега, во услови на криза, не треба да се калкулира.

-Тоа е за сите, за цел јавен сектор. Во период на криза не е период на калкулации. Таму има дадени совети што треба да направат и на централна власт и на локална власт и јавни претпријатија и акционерски друштва. Не е насочено лично кон никого.

Се е начин на заштеда во овој период. Тоа не е документ и не е насочен кон УПОЗ, тоа оди во насока на креирање на методологијата и на законот за плати, така да, сеопфатно ќе се дадат резултатите, рече Битиќи.

Претседателот на УПОЗ, Трпе Деаноски синоќа покажа, како што рече, дел од мерките и препораките на Владата за намалување на расходите на буџетските корисници во кои, освен намалување за 10 отсто на платата, има уште неколку точки меѓу кои и намалување на прекувремената работа за преку 20 отсто во МВР, во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во Агенцијата за разузнување, како и работа од дома со ротации.

За синдикалците се спорни, како што беше нагласено, и намерите на Владата за суспензија или укинување на колективните договори.

ССМ: Ниту еден колективен договор не смее да биде откажан или ревидиран

Ниту еден колективен договор на ниво на гранка или општ колективен договор, не може да биде откажан или ревидиран за одредбите кои имаат фискални импликации, е ставот на Претседателството на Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Ваквата одлука на ССМ е донесена едногласно на 32. седница на Претседателството како највисок орган на синдикатот.

– Нема да дозволиме намалување на работничките права преку кратење на плати, неисплаќање на додатоци и надоместоци од плата. ССМ и гранковите синдикати при ССМ нема да даваат согласност за какви било измени и дополни на колективните договори во насока на намалување на работничките права, порачуваат од ССМ.

За евентуално директно кршење на Уставот, националните закони и меѓународните трудови стандарди, ССМ најавува дека ќе ги информира европските и светските синдикални организации, Меѓународната организација на трудот, Европскиот совет и сите надлежни институции на домашно и светско ниво.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

6 лица од новозаболените со коронавирусот во Македонија со претходни заболувања

Редакција

Починаа 4 пациенти од Ковид-19, двајца од Куманово, по еден од Прилеп и Битола

Редакција

Убава вест: Оздравени 75 пациенти коишто боледуваа од Ковид-19

Редакција