Од денес, во рамките на проектот „И отпадот има вредност!“ на ЈП ПОЦ и Општина Центар, почнува да функционира зелената мрежа на локали каде со плаќање преку Green Pay картичката жителите на Општина Центар ќе имаат можност да купуваат со попуст во маркети, ресторани, кафеани, кафулиња, бутици, книжарници, рибарници, мобилари и сл.
Досега, повеќе од 70 локали кои се наоѓаат на територија на Општина Центар се приклучија на зелената мрежа со цел да им овозможат на жителите да купуваат со попуст од 5,7 и 10%.
Поволностите на зелената мрежа можат да ги користат само жителите кои учествуваат во процесот на рециклирање на PET пластични шишиња и лименки преку повратните вендинг машини и кои поседуваат Green Pay картичка.
Веќе од денес, сите потребни информации за начинот на користење на поволностите кои ги нуди зелената мрежа, повратните вендинг машини и Green Pay платежната картичка ќе бидат достапни на новата веб страна green.poc.mk, каде што граѓаните ќе имаат можност да ги пребаруваат локалите кои нудат попуст, валидните амбалажи за рециклирање, локациите на повратните вендинг машини, како и начинот на аплицирање за Green Pay картичката и нејзино користење.
Жителите на Општина Центар веќе неколку месеци имаат можност да рециклираат пластични шишиња и лименки за што добиваат субвенции од Општина Центар на нивната Green Pay платежна картичка.
До овој момент, рециклирани се 64.418 амбалажи, а издадени се повеќе од 2.000 картички.
Со плаќање преку Green Pay картичката граѓаните ќе можат да го користат повратот на пари од рециклирањето за купување со попуст во зелената мрежа и за користење на услугите на ЈП ПОЦ.
Дополнителна поволност на оваа картичка е можноста за префрлање на средства од други платежни картички. Проверка на билансот на картичката и трансфер на средства се врши на greenpay.mk.