еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

„Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на Македонија, ББ+ со негативен изглед

Кредитната рејтинг агенција Фич“ го потврди кредитниот рејтинг на земјава  ББ+, информираат од Народна банка (НБ).

-Во извештајот се наведува дека ваквата оцена е поткрепена со кредибилните и конзистентни политики, поддржани од долгогодишната стабилност на девизниот курс на денарот.

„Фич“ нотира дека соодветното ниво на девизни резерви, овозможи задоволување на потребната девизна ликвидност на почетокот на 2022 година. Девизните резерви се оценува дека ќе останат стабилни и понатаму, и соодветни да ја одржуваат стабилноста на денарот.

Дополнително, во извештајот притисоците врз билансот на плаќања се оценуваат како привремени, а ризиците во надворешниот сектор се намалени со оглед на постојната можност за користење девизна ликвидност преку репо-линија кај Европската централна банка, велат од НБ.

Во извештајот е посочено дека влијанието од руско-украинскиот конфликт ќе се почувствува преку зголемување на нивото на домашните цени под влијание на повисоките увозни цени на енергентите и прехранбените производи со оглед дека тие сочинуваат над 50% од потрошувачката кошничка.

-Народната банка започна со внимателно „нормализирање“ на олабавениот карактер на монетарната политика преку зголемување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени. На тој начин, ќе се овозможи стабилизирање на инфлациските очекувања како и засилување на преференциите на граѓаните кон домашната валута.

Од „Фич“ оценуваат дека банкарскиот сектор остана силен покрај пандемискиот шок и постепеното укинување на мерките на финансискиот сектор за „олеснување“ на финансискиот товар на домаќинствата и претпријатијата во текот на 2021 година.

Притоа, рејтинг-агенцијата констатира соодветна капитализараност и профитабилност на банкарскиот систем, и солиден квалитет на кредитното портфолио.

Следствено, банкарскиот систем е во добра кондиција за да продолжи да овозможува силна кредитна поддршка на економијата, што се потврдува и со податоците на почетокот на 2022 година. Во таа насока, рејтинг-агенцијата очекува економски раст на македонската економија, иако поскромен во однос на растот остварен во текот на 2021 година, велат од НБ.

Со соопштение се огласија и од Министерството за финансии (МФ), од каде велат дека Агенцијата нотирала добро владеење, како и кредибилна и кохерентна макрофинансиска политика, конзистентна со долго одржуваниот фиксен девизен курс.

-Задржувањето на кредитниот рејтинг е особно значајно за РС Македонија во услови на глобална криза. Агенцијата нотира дека негативниот изглед ги рефлектира ризиците со кои земјата се соочува по пандемскиот шок и ефектите од настаните во Украина.

„Фич“ во извештајот наведува дека негативните влијанија делумно ќе бидат избалансирани со растот на домашната побарувачка, која е поддржана од владините мерки за раст на платите и јавните инвестиции.

Агенцијата предвидува раст на македонската економија од 2,8 отсто во 2022 година, како резултат на проблемите во глобалните синџири на дистрибуција, последиците од прекините во снабдувањето со енергија и зависноста од увоз на гас од Русија.

Со намалувањето на геополитичките ризици и притисоците на цената на енергијата, како и со постепената фискална консолидација со акцент на јавните инвестиции се очекува растот на економијата да достигне 3 отсто од БДП во 2023 година, посочуваат од „Фич“, велат од МФ.

Очекувањата на Агенцијата во врска со буџетскиот дефицит за 2022 година се дека истиот ќе биде повисок од оној во 2021 година, како резултат на владиниот одговор на ценовната и енергетската криза, зголемувањето на минималната плата, повисоките пензиски трошоци и поддршката на одредени клучни сектори во економијата, велат од МФ.

-За справување со кризата Владата воведе пакет од 26 мерки во вредност од 400 милиони евра за поддршка на стандардот на граѓаните и ликвидноста на компаниите.

Од „Фич“ предвидуваат намалување на буџетскиот дефицит на 4,8 проценти во 2023 година, со повлекувањето на мерките за поддршка, како што се намалување на стапките на ДДВ и поддршката за енергетскиот сектор.

Според „Фич“ силна поддршка за посветеноста на властите кон фискална консолидација, што би довело до намалување на фискалниот дефицит и стабилизација на долгот би била бараната двегодишната линија за претпазливост и ликвидност со ММФ.

Агенцијата очекува државниот долг да достигне 55,2 отсто од БДП до крајот на оваа година и 56 проценти од БДП до 2023 година.

Претходно кредитниот рејтинг на РС Македонија го потврди Агенцијата „Стандард и Пурс“, „ББ-“ со стабилен изглед. Кредитниот рејтинг на една земја го покажува степенот на ризик од инвестирање во неа, и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носење на нивните одлуки, велат од МФ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Детален преглед: Најмногу починати од коронавирусот во Куманово, најмногу заразени во Скопје

Редакција

78% од новите случаи и 80% од хоспитализираните со Ковид-19, се невакцинирани

Редакција

Москва го забави темпото на офанзива, велат од украинската војска

Редакција