еМагазин
Image default
Локално ТОП СТОРИИ

(Фото) Делчевец со телесен инвалидитет заработил паркинг казна во Скопје и покрај уредно платено паркирање

Лице со телесен инвалидитет од Делчево и покрај уредно платен билет за паркинг пред клиника во Скопје, добил блокатор на возилото и платил казна. Родител на оштетениот, споделувајки детали за случајот, за МИА вели дека иако неговиот син уредно се паркирал на местото означено за лица со хендикеп и платил за времетраењето на користење на паркингот, кога требало да си го земе возилото, добил казна од 3.000 денари.

Од Сојузот на лица со телесен инвалидитет на Македонија велат дека правилата се такви.

– Фискалните сметки за платен паркинг како доказ не помогнале, па дури и грубо му било кажано дека ако не го тргне возилото веднаш, казната ќе биде уште поголема, за што сведочат и луѓето кои биле со него.

Образложението било дека за да паркира на јавен паркинг назначен за лица со хендикеп треба да биде член на Здружението на лица со телесен инвалидитет од Скопје и дека рекламација може да се поднесе на определен мејл, каде ќе биде разгледано дали парите за платената казна ќе му бидат вратени, вели неговиот родител.

Младиот делчевец членува во Здружението “Мобилност” од Кочани, за што поседува потпис и печат од здружението, но тоа не помогнало да се најде заеднички компромис за казната да му биде укината.

Барајќи одговор за случајот, на телефонскиот број назначен за поплаки, добивме потврда дека на посочениот паркинг услугите можат да ги користат само лица кои се членови на такво здружение со седиште во Скопје, но не добивме прецизен одговор, како би се решил случајот со младиот делчевец, кој сѐ уште не добил одговор, дали жалбата за платената казна ќе му биде уважена, а со тоа и парите ќе му бидат рефундирани.

За случајот побаравме одговор и од Сојузот на лица со телесен инвалидитет на Македонија од каде велат дека правилата се такви.

– Додека со паркинзите на клиниките стопанисуваше приватник, лицата со телесен инвалидитет не само од Скопје, туку и од останатите градови беа ослободени од плаќање, во моментот, правилото важи само за тие што имаат електронска картица и по жителство и лична карта се од Скопје, велат од Сојузот на лица со телесен инвалидитет на Македонија.

Младиот делчевец, правдата ќе ја бара на суд, сакајќи со тоа да помогне во иднина ова да не му се случи на друго лице и да лицата со телесен инвалидитет кои користат паркинг да одбегнат било какви казни за навидум банални ситуации.

За неговите родители останува нејасно дали треба инвалидните лица патувајќи низ Македонија да се регистрираат во секој град посебно, за да немаат такви проблеми.

Што се однесува до градот Делчево, на јавни паркинзи моментално се означени две паркирни места за лица со посебни потреби. Овие паркирни места, како што информираше Николина Петровска Мавродиева од Одделението за урбанизам, заштита на животната средина, комунални дејности и сообраќај при Општина Делчево, се утврдуваат како процент од вкупниот број на паркиралиштето согласно Правилникот за урбанистичко планирање.

– Обележувањето на овие сообраќајни површини, што се резервирани за возила на лица со посебни потреби е со жолта боја и симбол со код 8.48, а означувањето е со сообраќаен знак со код 325.1 – паркиралиште и дополнителна табла со код 511 согласно Правилникот за сообраќајните знаци, опрема и сигнализација на патот, вели Петровска Мавродиева.

Во Делчево паркингот не се наплаќа, и според тоа, како што додаде, поголеми проблеми за лицата со хендикеп кои ги користат во Делчево не се забележани.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Нови 242 случаи на Ковид-19 од 3.561 тестирања

Редакција

Несекојдневен обид за убиство во Скопје: Го намамил на состанок со девојка преку социјалните мрежи и го изрешетал

Редакција

(ФОТО) Дали е возможно: Уништен видиковецот на врвот на Водно

Редакција