Во тек е изложбата „Тектонски пореметувања – 2” од академскиот визуелен уметник Зоран Арсовски – Бабата, која беше отворена на 20 мај во Ликовната галерија на Националната установа Центар за култура ”Марко Цепенков” – Прилеп.
На изложбата се поставени над шеесетина дела, а љубителите на уметноста ќе можата да ја видат до 2 јуни 2022 година.
Зоран Арсовски – Бабата е роден во Куманово 1980 година. Има дипломирано и магистрирано на Националната ликовна академија во Софија на катедрата за визуелни уметности насока Сликарство во класата на професорите Станислав Памукчиев и Божидар Бојаџиев.
Има реализирано 14 самостојни изложби од кои дел се пред меѓународната ликовна сцена, учествувал на повеќе групни изложби, ликовни колонии, проекти, работилници и симпозиуми во земјава и странство.
Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).
За својата работа има добиено повеќе награди и признанија.
„Загрозувачкиот антропоцентричен однос на човештвото кон природата во светски рамки ги доведува во прашање иднината и севкупниот опстанок на човекот и животната средина.
Несовесното користење на природните ресурси за создавање на прогресивно општество и постигнување брз напредок во индустријата и технологијата предизвикуваат – загадување на чистата вода и воздух, опаѓање на плодноста на земјата, масовна екстинција на разни растителни и животински видови, како и појава на климатски промени со разорна моќ.
Ослободувањето на токсичните материи и гасови кои се создаваат како резултат на спалувањето на големо акумулираниот текстилен отпад во депониите, претставува пример кој ја потврдува деструктивната тенденија на човекот и неговиот неодговорен пристап за наоѓање на инвентивни решенија за справување со последиците од масовното производство.
Многубројните интервенции на одредени групи кои застапуваат модерни концепти и наративи за заштита на разните екосистеми наликуваат на донкихотски подвизи кои најчесто резултираат со мали и краткотрајни успеси.
Претставувајќи го раздорот и декадентниот процес на живиот свет преку разградувањето на формата во композицијата и создавањето на апстрахирани и експресивни асоцијативни облици со ликовните елементи – боја и линија, академскиот уметник Зоран Арсовски активно учествува во будењето и развивањето на еколошката свесност и етика на поединците во општеството.
Непостојаните експресивни и апстрахирани форми потсетуваат на деградирани антропоморфни, зооморфни и фитоморфни облици. Преку меѓусебното претопување на слободните форми со интензивни боени нијанси се создаваат дурски или молски хармонични премини, како и разни визуелни ликовни ефекти кои потсетуваат на фрагменти од органски материи.
Со обезличувањето на редуцираните форми и нивната континуирана преобразба од еден облик во друг, уметникот Арсовски создава ликовна метафора за регенеративната способност на органската материја и вонвременскиот еволутивен процес во природата.
Преку немото набљудување на – мутациите на разновидните организми кои предизвикуваат разни заболувања, изумирањето на многубројните видови во природата, појавата на зголемената загаденост на воздухот и водата како резултат на создавањето големо количество на индустриски отпад, човекот постанува активен учесник и сведок на неправедното уништување на Земјата, надминувајќи ги капацитетите за одржувањето на нејзината рамнотежа.
Рефлектирајќи го деформираниот одраз на природата и портретирајќи го безизразниот анонимизиран човечки лик, уметникот Арсовски потсетува на вистинските вредности кои на современиот човек му даваат смисла и животни цели: создавање на подобра иднина за генерациите кои доаѓаат, сочувување на биодиверзитетот и обезбедување услови за стабилна клима,“ рече на отворањето на изложбата Викторија Димеска, историчар на уметност.