еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ ТОП СТОРИИ

(Фото) Мултимедијалниот проект „Пејзажно искуство“ од 59. Венециско биенале 2022, ќе биде претставен во Чифте амам

По реализацијата на едно од најдобрите национални преставувања на 59-то издание на меѓународната ликовна изложба La Biennale di Venezia 2022, со проектот „Пејзажно искуство“ на уметниците Роберт Јанкулоски и Моника Мотеска, Националната галерија како координатор на проектот, од 30 март, 19.00 часот го претставува истиот пред македонската јавност.

Мултимедијалниот проект ќе биде поставен во објектот Чифте амам, а изложбата ќе ја инаугурираат Министерката за култура, Бисера Костадиновска – Стојчевска и директорката на Националната галерија и комесар на проектот, Дита Старова Ќерими.

„Уметничките истражувања на Моника Мотеска и Роберт Јанкулоски со својот наратив припаѓаат на широкото поле на уметнички искази кои ѝ даваат важност на културата на сеќавањето.

Присутна веќе неколку децении низ различна теориска, научна, уметничка и културна практика, културата на сеќавањето има сè поголемо значење не само во конституирањето на историјата „која ја пишуваат победниците“, нејзината митологизација и критика, туку и во контекстот на изградување на лични и колективни идентитети – родови, расни, етнички, верски, социјални и други…

„Landscape Experience“ предоминантно се занимава со причините и апсурдите на човековата егзистенција, со убавото и грдото, со кризата на духот, но исто така се занимава и со доминацијата на капиталот, колонијалните политики, идеологиите и технологијата кои влијаат врз разобличувањето на рамнотежата на човекот, живиот свет и природната средина во екосистемот.

Овој мултинаративен транстактичен проект на тандемот Јанкулоски-Мотеска на критичко-дискурзивен начин укажува на опасностите што демнеат доколку не се преземат сериозни системски чекори за совладување на најголемите предизвици на Антропоценот, кои се и данок на капитализмот и политиките на власт, како неконтролираната злоупотреба на природните ресурси на планетата Земја во форма на безумни војни (експлицитни или имплицитни, реални или психолошки, физички или хемиски) за нечии идеали, во кои жртви сме сите, а најмногу најмалите, невините и идеалистите.

Може ли убавото да биде истовремено и подмолно грдо, естетското да стане слуга на злото, но со намера да го изнајде вистинскиот пат за да стане опомена? Сите овие прашања, со преиспитување на тезата за баналноста на злото, се наоѓаат во проектот „Landscape Experience“.

Повелете заедно да го пронајдеме одговорот на прашањето: Што значи да се постави ранетиот пејзаж како архива на историски повреди и како оваа поетика на просторно сведочење функционира како начин на геополитичка критика?,“ велат од Националната галерија.

Куратори на проектот се Ана Франговска и Сања Којиќ – Младенов, а ќе биде поставен во Чифте амам се до 30 април, 2023.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Бугарскиот министер Каракачанов: Ние не брзаме, тие 28 години спореа со Грција

Редакција

(Видео+Фото) Симон Трпчески со Македонисимо ја крена на нозе штипската публика и им приреди незаборавно доживување

Редакција

Кавадарчанецот кој ја загрози сигурноста на градоначалникот Митко Јанчев оди во затвор

Редакција