еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

(Фото) Премиера на „Браќа Карамазови“ во режија на Дејан Пројковски во Народниот театар во Софија

Вечерва на големата сцена на Народниот театар „Иван Вазов“ во Софија премерно ќе биде изведена претставата „Браќа Карамазови“ во режија на македонскиот автор Дејан Пројковски.

Пројковски го режира најголемиот проект за оваа сезона на сцената на водечкиот бугарски театар и еден од најважните европски театарски центри, а претставата е дел и од официјалната програма на „Пловдив – европска престолнина на културата за 2019 година“.

Народниот театар од Софија  “Браќа Карамазови” на Пројковски ја најави како грандиозна и неверојатна претстава, истакнувајќи ги спектакуларната сценографија и раскошните костими, но и свездената актерска екипа во која учествуваат дел од најголемите актерски имиња на бугарскиот театар денес.

„Разликата помеѓу совршената и останатите камбани е во еден полутон кој што го слушаат само големите мајстори. Таква е разликата и помеѓу Ангелот и ѓаволот. Токму со тој полутон се занимава нашата претстава. Важно е човекот да го изострува добриот слух“, изјави Пројковски, при најавата на премиерата во бугарските медиуми, истакнувајќи дека „за човекот не е важно само дека живее, туку и прашањето зошто живее. Всушност, оваа претстава е едно бурно и емотивно патување низ човековата душа и срце“, најави Пројковски.

Дејан Пројковски, покрај режијата, ја потпишува и сценската адаптација на епохалниот роман на Фјодор Достоевски, а заедно со него, на претставата работеа уште двајца истакнати македонски автори – сценографот Валентин Светозарев и композиторот Горан Трајковски. Костимите се на легендарното име на бугарскиот театар, Елена Иванова.

Билетите за  премиерата се одамна распродадени, а следните изведби се во мај и во јуни.

Вечерашната премиера за македонскиот режисер значи освојување на уште еден важен театарски центар, откако минатата година за свои претстави доби престижни награди во регионот – неговата „Ромео и Јулија“ беше прогласена за најдобра претстава во Турција, а претставата „Орестија“ беше прогласена за претстава на годината во Хрватска.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

НЛБ Групација отвoра меѓународен јавен повик за млади уметници од регионот

Редакција

Една година Magenta Moments: Најдобрата дигитална програма за подароци, поволности и попусти за корисниците

Редакција

НЛБ Банка со нова промотивна кампања за кредити за физички лица

Редакција