Alpinizam.org објавија текст насловен „Предупредувачко лавинско искуство“ во кое опишуваат настан која на 15 декември се случил на Љуботен.
Текстот го пренесуваме во целост:
„На 15ти декември, тројца пријатели прават обид за искачување на врвот Љуботен. Поради лоши временски услови, силен ветер и многу слаба видливост, на 100тина метри под врвот одлучуваат да се вратат, но во истиот момент, прават скршнување од патеката по која се качувале и несвесно – влегуваат во лавински терен.
Едниот од нив е однесен од лавина, по што се губи контакт помеѓу нив. Другите двајца се обидуваат да направат заобиколување на теренот за да можеби стигнат надолу да помогнат, но и нив по некое време ги зафатува лавина.
Во тој момент на немање контакт, а преживување на сериозна ситуација во слаба видливост (само 10тина метри) – двајцата продолжуваат со симнување на косовска територија, а човекот кој е првично зафатен од лавина, продолжува на македонска територија, при што повторно е зафатен од лавина и овој пат сам, со голема среќа – останува на површината доволно, за да може да се извлече.
Ова не е филм! Реалност! Во нашите планини! Кои понекогаш, знаеме да ги потцениме, а секоjа година не’ предупредуваат колку можат – во секунда невнимание, да приредат многу сериозни предизвици. Повеќе детали околу ова искуство, ќе споделиме во текот на следната недела.
Во моментов само споделуваме каде се случени лавините. И тоа:
– Зелените кругови се местата каде се случени лавините кои го фаќаат едниот од групата, а синиот круг е местото каде се зафатени другите двајца од групата…
– Портокаловата линија е заедничкото движење, највисоката достигната точка и моментот кога се скршнува од патеката.
– Црвената линија е патеката по која се движи/го носат лавини едниот од групата (патеката завршува високо во планината бидејќи снемува батерија часовникот)
– Жолтата линија е патеката по која се движат останатите двајца откако се случува првата лавина која го носи нивниот пријател.
Сите за голема среќа во оваа несреќа – живи и здрави уште истиот ден се враќаат во своите домови во текот на вечерните часови.“
фото: Фејсбук-страница на Alpinizam.org