Поразот на Зоран Заев на локалните избори може да се смета и како пораз на ЕУ и нејзината политика за проширување кон Западен Балкан, а тоа е и лош предзнак за реформите кои и се неопходни на Северна Македонија, ги сублимира Дојче Веле оценките на печатот во Германија и Швајцарија.
– Во мај 2017 година, Зоран Заев стана премиер на Македонија. Во октомври 2021 година, тој ја најави својата оставка. Северна Македонија – членка на НАТО од март 2020 година, во голема мера беше оставена сама на себе во безбедносната политика.
Вака би можеле да се опишат изминатите четири и пол години во таа балканска земја, како и наследството на Заев. Но, тука недостига еден важен аспект: на мандатот на Заев влијаеше не само тоа што му успеа, туку, пред се, она што му беше ускратено, наведува „Франкфуртер алгемајне цајтунг“.
Според германскиот весник, точно е дека Заев успеа да ја преименува Македонија во Северна Македонија и со тоа да ја убеди Грција повеќе да не го блокира приемот на земјата во НАТО, што на домашен план беше храбар, речиси смел маневар.
– Храброста, сепак, не се наградува, или во најдобар случај и беше доделена утешна награда – членство во НАТО. Но, Заев не ја оствари својата основна политичка цел – почеток на преговорите за влез во ЕУ. Не е тој виновен. Напротив, оценува весникот.
Случајот на Заев, додава „Франкфуртер алгемајне цајтунг“, може да биде пример во регионот и можно е премиерот на Северна Македонија во заминување долго време да биде последниот премиер во регионот кој бил подготвен да преземе голем политички ризик заради т.н. европски перспективи на својата земја.
– Затоа поразот на Заев може да се гледа како пораз на ЕУ и нејзината политика на проширување на Балканот, заклучува авторот на текстот Мајкл Мартенс.
На настаните во Скопје на сличен начин гледа и швајцарски „Ноје Цирхер Цајтунг“.
– Исчезнувањето на европската перспектива за земјите од Западен Балкан има многу жртви. Последен е премиерот на Северна Македонија во оставка. По поразот на неговата Социјалдемократска партија на локалните избори, Зоран Заев се огласи и поднесе оставка на функцијата премиер и претседател на партијата.
Како резултат на тоа, оваа мала земја во Југоисточна Европа се лизга во владина криза, чиј исход е тешко да се предвиди, оценува швајцарскиот весник.
Заев рече дека неговата партија ќе предложи нов кандидат за таа функција на шефот на државата Стево Пендаровски, сепак, посочува весникот, неизвесно е дали тој ќе добие поддршка во Парламентот.
– Коалицијата на социјалдемократите и двете партии на албанското малцинство има само мало мнозинство. Лошите резултати на локалните избори може да доведат до разрешување на некои пратеници. Претседателот на националистичката опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски побара нови избори во неделата навечер, наведува „Ноје Цирхер Цајтунг“.
Швајцарскиот весник наведува дека во Северна Македонија владее „огромна фрустрација поради секогаш новите пречки во европската интеграција – што го крие фундаменталното одбивање на проширувањето од страна на еден број членки на ЕУ“.
Тоа растечко незадоволство „се повеќе беше насочено против Заев, па дури и многу негови симпатизери сметаат дека промената на името не се исплатела. А националистичката опозиција и онака секогаш го отфрлаше договорот со Грција“.
Но, како што пишува швајцарскиот весник, „Заев и дома не успеа да ги исполни политичките очекувања, бидејќи неговата изборна победа од 2017 година не се сметаше само за раскинување со зовриениот национализам на претходната влада на Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, туку и како бунт против распространетата корупција“.
– И навистина Владата на Заев набрзо ги започна првите реформи. Груевски беше осуден и успеа да ја избегне казната само со спектакуларно бегство во Унгарија. Во принцип, Северна Македонија сè уште се издвојува како позитивен пример во еден се поавтократски регион.
Сепак, набрзо се појавија сомнежи дали новата Влада навистина може да ги реши далекусежните проблеми по однос на прашањето на владеењето на правото. Дури и шефицата на Специјалното обвинителство, поддржана од Заев, стана предмет на корупциски скандал во 2019 година, наведува весникот
„Ноје цирхер цајтунг“ додава дека минатата година, Северна Македонија падна на 111-то место на ранг-листата на Транспаренси Интернешнл, што е најлоша оценка што земјата некогаш ја добила во оваа област.
– Дополнително, тука е и лошото управување за време на пандемијата: вакцинирањето започна доцна затоа што земјата, за разлика од нејзиниот поголем сосед, Србија, целосно се потпираше на ЕУ и доцна ги доби вакцините, наведува весникот.
Авторот на текстот, Волкер Пабст, ги цитира и зборовите на аналитичарката Влора Речица од истражувачкиот центар на Институтот за демократија во Скопје, која вели дека надежта што беше поврзана со изборот на Заев пред четири години, испарила.
Тоа, вели таа, се гледа по слабата излезност на локалните избори, што е лош знак за реформите кои се уште се потребни – без разлика кој ќе владее со Северна Македонија во иднина.
Берлинскиот „Тагесцајтунг“ во коментар настаните во Северна Македонија од страна на нивниот новинар Ерих Ратфелдер вели дека е „чесно да се каже оти некој што се обиде да ја модернизира, демократизира и реформира својата земја поднесе оставка во неделата“.
– Социјалдемократот Зоран Заев е еден од ретките балкански политичари кој сериозно ја насочи својата земја на патот на интеграцијата во Европската Унија. Но, за возврат, тој доби премалку поддршка. Заев не успеа, популарноста му се намалуваше.
Дополнително, неговиот претходник Груевски се обиде да влијае на кампањата за локалните избори, со поголеми суми на пари и со поддршка од Унгарија. Социјалдемократите изгубија на изборите, а Заев поднесе оставка. Но, кој го познава знае дека тој ќе продолжи да се бори, заклучува германскиот новинар.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ги следиме случувањата, соработката со Владата продолжува, велат од Стејт департмент
Европската комисија без коментар за оставката на Заев, порача реформите да продолжат
МИА/Фото: Влада